Европските лиги цврсто го одбија предлогот на ФИФА за привлекување приватен капитал во комерцијалните операции на Светското првенство. По виртуелниот состанок одржан на 29 јули 2026 година, Одборот на организацијата оцени дека продажбата на удели во Мундијалот е неодговорна одлука што директно го загрозува традиционалниот фудбалски систем.
Светското првенство не смее да биде на продажба и тоа не е приватен имот на претседателот на ФИФА, соопштија од Европските лиги. Вредноста на ова натпреварување секојдневно ја создаваат лигите, клубовите, фудбалерите и навивачите, кои во овој процес останаа без глас и право на одлучување.
Европските лиги нагласуваат дека успехот на фудбалот се заснова на отворена пирамидална структура и рамнотежа меѓу домашните и меѓународните натпреварувања. Комерцијалните иницијативи мора да ги поддржат тие темели, а не да ги нарушуваат преку netransparentни процеси.
Оваа иницијатива претставува продолжение на едностраните одлуки на ФИФА, кои претходно ги поттикнаа Европските лиги да поднесат жалба до Европската комисија. Жалбата е заснована на обвинувања дека ФИФА ја злоупотребува доминантната позиција на пазарот преку наметнување на меѓународниот календар на натпревари, со што го прекршува правото на конкуренција на Европската Унија.
Предлозите за календарот и натпреварувањата мора да се развиваат со согласност од сите засегнати страни, како што пресуди и Судот на правдата на ЕУ во случајот за Суперлигата во 2023 година. Европските лиги веќе одржаа состаноци со Европската комисија и очекуваат правните исходи да ги заштитат интересите на навивачите.
Претседателот на Европските лиги, Клаудиус Шефер, предупреди дека продажбата на сопственички удели на приватни инвеститори претставува долгорочен ризик за спортот.
„Ваквиот чекор би им дал на приватните инвеститори трајно право на одлучување во фудбалот. Одговорните фудбалски лидери имаат должност заеднички да се спротивстават за да го сочуваат спортот одржлив и здрав за идните генерации“, изјави Шефер.
Асоцијацијата Европски лиги (European Leagues) претставува официјална организација што ги застапува интересите на професионалните фудбалски лиги низ Европа. Ова тело обединува над 30 професионални фудбалски лиги и асоцијации на клубови од повеќе од 20 европски земји (вклучувајќи ги најатрактивните натпреварувања како Премиер лигата, Ла Лига, Серија А, Бундеслигата и Лига 1), што значи дека зад себе има повеќе од 1.000 професионални фудбалски клубови.
Нејзината примарна улога е да ја штити рамнотежата во домашниот фудбал, да ги застапува интересите на клубовите во дијалогот со УЕФА и ФИФА, и да обезбеди стабилна пирамидална структура во која комерцијалните одлуки на меѓународно ниво нема да ги загрозат националните шампионати, играчите и навивачите.