Европол заедно со партнери од повеќе земји успеа да лоцира информации за 45 украински деца кои биле присилно однесени од окупираните територии во Украина, во рамки на нова меѓународна истражна акција.
Операцијата се одржала на 16 и 17 април и вклучила околу 40 експерти од 18 земји, како и претставници на Меѓународен кривичен суд и други организации. Целта била да се соберат конкретни докази и траги што ќе помогнат во пронаоѓање на децата и идентификување на мрежите зад нивното преместување.
Истражителите анализирале податоци за можни рути на транспорт, институции и кампови каде што децата можеби биле однесени, како и лица кои би можеле да бидат вклучени – од локални управители до воени структури.
Според украинските власти, од почетокот на војната во 2022 година, повеќе од 19.500 деца биле присилно однесени или депортирани.
Овој проблем е под лупа и на меѓународните институции. Обединетите нации веќе оценија дека присилното преместување на деца може да претставува злосторство против човештвото, со оглед на систематскиот карактер на овие акции.
И покрај напорите за нивно враќање, процесот е бавен и сложен. Дел од децата се веќе сместени во институции или во семејства во Русија, што дополнително го отежнува нивното пронаоѓање и репатријација.
Случајот станува еден од најчувствителните аспекти на војната во Украина, со силен меѓународен притисок за одговорност и враќање на децата кај нивните семејства.