Земјите членки на Европската Унија во текот на минатата година заработиле 157,1 милион евра од такси за барања за визи кои на крајот биле одбиени, покажува нов извештај на невладината организација „ЛАГО Колектив“, изработен врз основа на податоци од Европската комисија. Сумата бележи континуиран раст во последните години. Во 2024 година приходите од одбиени визи изнесувале 145,1 милион евра, а во 2023 година околу 130 милиони евра.
Според извештајот, највисока стапка на одбивање на визи имало кај апликантите од Бангладеш (54,5 проценти), Сенегал (52 проценти), Нигерија (48 проценти), Пакистан (46 проценти) и Ангола (45 проценти). Во Ангола, трошоците за одбиените визи пораснале за дури 177 проценти и достигнале 2,9 милиони евра.
Основачката на „ЛАГО Колектив“, Марта Форести, оцени дека сегашниот систем за издавање шенген-визи функционира како дополнителен финансиски товар за луѓето кои сакаат да патуваат, да работат или да воспостават деловни врски со земјите од ЕУ.
Особено погодени се африканските земји. Иако од Африка доаѓаат околу 24 проценти од сите подносители на барања за визи, тие учествуваат со дури 42 проценти од вкупниот износ изгубен преку неповратните такси за одбиени апликации. Во меѓувреме, Европската комисија ја зголеми таксата за поднесување барање за шенген-виза на 90 евра за возрасни лица. Таксата не се враќа без разлика дали визата ќе биде одобрена или одбиена, што дополнително ги зголемува критиките кон системот во земјите во развој.