ЕУ размислува да го прекине најстрогиот механизам против Унгарија

Европскиот парламент ја преиспитува постапката според членот 7 против Унгарија, започната во 2018 година. Конечната одлука се очекува во 2027 година.

Европскиот парламент разгледува можност за прекин на долгогодишната постапка против Унгарија според членот 7 од Договорот за Европската Унија, започната во 2018 година поради загриженост за владеењето на правото.

Преиспитувањето е поттикнато од реформите што ги спроведува новата унгарска влада предводена од Петер Маѓар, со кои се менуваат дел од законите донесени во времето на Виктор Орбан. Неколку европратеници и функционери потврдиле дека Европскиот парламент повторно ја разгледува својата позиција, а конечната одлука се очекува на почетокот на 2027 година.

Што значи членот 7?

Постапката според членот 7 се смета за еден од најстрогите политички механизми на Европската Унија. Во крајна инстанца може да доведе и до суспендирање на правото на глас на земја членка.

Европскиот парламент ја активираше постапката против Унгарија во 2018 година поради загриженост поврзана со независноста на судството, корупцијата, слободата на медиумите, основните права, како и правата на малцинствата и мигрантите.

Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка група во Европскиот парламент, е меѓу силите што се залагаат за прекин на постапката. Со тоа би се обезбедила и политичка поддршка за партијата Тиса на премиерот Петер Маѓар, која стана членка на оваа европарламентарна група.

„Унгарија спроведе бројни реформи со кои се усогласи со стандардите на Европската Унија“, изјавил еден од водечките европратеници на ЕПП, оценувајќи дека би било разумно постапката наскоро да заврши.

Европратеници ќе ја проверуваат ситуацијата во Унгарија

Кон крајот на октомври е планирана посета на делегација на Европскиот парламент на Унгарија за утврдување на фактичката состојба.

Европратениците треба да се сретнат со претставници на владата, државните институции, невладиниот сектор и други засегнати страни, со цел да добијат поширока слика за состојбата со владеењето на правото.

Врз основа на посетата ќе биде изготвен извештај, по што Европскиот парламент ќе треба да одлучи дали постапката треба да продолжи.

Се очекува делегацијата да препорача нејзино повлекување доколку утврди дека повеќе нема систематско кршење на вредностите на ЕУ. Додека некои функционери сметаат дека тоа би можело да се случи уште во декември, холандската европратеничка Тинекe Стрик, која го води процесот, очекува извештајот да биде подготвен на почетокот на 2027 година.

Стрик за „Еуроњуз“ појаснила дека одлуката ќе зависи од исполнувањето на повеќе критериуми.

„Постои цел список критериуми што ќе ги проценуваме, а еден од елементите е и повлекувањето на анти-ЛГБТИ-законите“, изјавила таа.

Станува збор за контроверзниот закон за заштита на малолетниците со кој се ограничува пристапот до содржини што прикажуваат или промовираат хомосексуалност, промена на полот или отстапување од биолошкиот пол.

Унгарската влада досега не го укинала овој закон, ниту најавила дека има намера да го стори тоа.

За прекин потребно е двотретинско мнозинство

За конечен прекин на постапката е потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 480 од вкупно 719 европратеници. Се очекува Зелените и Левицата да гласаат против, додека конзервативните и десничарските групи би можеле да го поддржат прекинот, бидејќи членот 7 долго време го сметаат за неоправдано мешање во внатрешните работи на земјите членки.

Европските конзервативци и реформисти, Патриотите за Европа и Европа на суверените нации заедно имаат речиси 200 европратеници. Со поддршката на 184 пратеници од ЕПП, клучна би била позицијата на социјалистите (С&Д) и либералите од „Ренју Европа“.

Двете групи признаваат дека има напредок во Унгарија, но бараат темелна проценка на целокупното законодавство. Европратеникот Сандро Гоци најавил дека „Ренју Европа“ ќе разговара за прашањето следната недела во Париз.

„Прекинот на постапката мора да се заснова на вистински промени, инаку ќе изгледа дека одлуката е исклучиво политичка“, порачал Гоци.

Полска е единствениот досегашен преседан

Постапката според членот 7 досега е активирана само двапати во историјата на ЕУ. Европската комисија ја започна против Полска во 2017 година, а Европскиот парламент против Унгарија една година подоцна.

Во ниту еден случај не беа воведени најтешките санкции, за кои е потребна едногласна одлука на сите земји членки за суспендирање на правото на глас. Постапката против Полска беше прекината во 2024 година, откако владата на партијата Право и правда (ПиС) беше заменета со коалиција предводена од премиерот Доналд Туск.

Новата полска влада презеде чекори за усогласување на земјата со барањата на Европската комисија, особено во делот на независноста на судството.

Случајот со Унгарија сега повторно ја отвора дебатата за тоа колку далеку може да оди ЕУ во условување на своите членки со почитување на заедничките демократски стандарди – и дали политичките промени во една земја се доволни за прекин на постапката според членот 7.

е-Трн да боцка во твојот инбокс