ЕУ порачува: отпадот и отпадните води се клучни за УНЕСКО статусот на Охридскиот регион

Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека отпадот и отпадните води се меѓу клучните приоритети Охрид и Струга да го задржат статусот на УНЕСКО.

Управувањето со отпадот и третманот на отпадните води остануваат меѓу најважните предуслови Охрид и Струга да го задржат статусот на УНЕСКО, а Европската Унија најавува поддршка и за овие прашања и за пошироката прекугранична соработка во регионот. УНЕСКО и годинава очекува напредок по препораките за Охридскиот регион.

Менаџирањето со отпадот и третманот на отпадните води се меѓу клучните приоритети за Европската Унија со цел Охрид и Струга да го задржат статусот на УНЕСКО. Ова го истакна евроамбасадорот Михалис Рокас по средбата со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.

На средбата се разговарало за евроинтегративниот процес на Македонија, но и за локалните предизвици со кои се соочува Струга.

Рокас посочил дека управувањето со цврстиот отпад бара итни решенија, при што како една од опциите се разгледува изградба на регионален центар или фабрика за негово процесирање. Во таа насока, најавил и објава на тендер за избор на компанија што ќе го реализира проектот.

Како сериозен проблем било отворено и прашањето за испуштањето непречистени канализациски води во езерото, што директно влијае врз животната средина и врз обврските што државата ги има кон УНЕСКО. Ова се вклопува и во поширокиот пакет препораки што Македонија и Албанија треба да ги исполнуваат за Охридскиот регион да не се соочи со нови ризици за својот статус.

Евроамбасадорот нагласил дека Европската Унија ќе продолжи со поддршка преку програмите како „People to People“, како и преку иницијативите за прекугранична соработка со Грција и Албанија.

На средбата било отворено и прашањето за недостиг на капацитети во градинките, при што Рокас најавил дополнителни разговори со Владата за изнаоѓање финансиски решенија.

Градоначалникот Ќура оценил дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера и посочил дека општината останува посветена на европскиот пат и на реализацијата на проектите, дел од кои се финансирани со европски средства.

Охридскиот регион веќе неколку години е под засилено внимание на УНЕСКО, а македонските институции и локалните власти имаат обврска да покажат конкретен напредок токму во областите како отпад, отпадни води, урбанизација и заштита на природното и културното наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни