Меѓународен ден на борба против говорот на омраза

Едукацијата на младите е првиот штит против говорот на oмраза

Искуствата од терен говорат дека младите лесно го препознаваат очигледниот, екстремен говор на омраза да ја олеснат комуникацијата, со текот на годините станаа „бојно поле“ на зборови, каде што често зад хумор, сарказам и под плаштот на слободата на говор се крие омраза. Младите се први на удар – и како жртви, но и како извршители, иако понекогаш тоа го прават сосема несвесно.

Борбата против говорот на омраза мора да започне со едукација за тоа што всушност претставува овој феномен. Важно е да се препознае кога еден „мим“ (meme) или коментар ги надминува границите на хуморот и слободата на изразување и станува говор на омраза кој може да го повреди другиот, па дури и да поттикне дела од омраза во реалниот свет.

Искуствата од терен говорат дека младите лесно го препознаваат очигледниот, екстремен говор на омраза. Но, потребна е дополнителна работа за да сфатат каде се границите и кои се основите за дискриминација на кои најчесто се надоврзува ваквата реторика.

Еден таков пример е иницијативата на RYCO за размена на „Суперучилишта“, каде што во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ), учениците од средното училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани и учениците од Третата гимназија од Сараево заедно работеа на препознавање на говорот на омраза, но и на тоа какви промени се потребни во постоечката правна регулатива.

Беба Жагар од ЕПИ, која директно го модерираше овој процес, нагласува дека клучот е токму во правилната едукација и прецизното дефинирање на поимите:

„Со оглед на тоа што прв пат работевме со средношколци на оваа тема, не знаевме што да очекуваме од нив. На почетокот, младите често го поистоветуваат говорот на омраза само со најрадикалните форми, како што се директните физички закани или експлицитните навреди. Меѓутоа, откако подобро ќе се запознаат со основите за дискриминација и сите суптилни нијанси на говорот на омраза, нивната перцепција целосно се менува. Се покажа дека тие не се само пасивни сведоци на случаи на говор на омраза онлајн, туку јасно ги препознаваат овие ситуации, сакаат да се информираат како да се борат против оваа појава и каде можат да ја пријават. Активно размислуваат за основите на дискриминација и како може институционалниот одговор да се подобри по пријавените случаи“.

Истражувањата на Хелсиншкиот комитет за човекови права го потврдуваат ова, истакнувајќи дека дигиталната комуникација ја префрли омразата од традиционалните медиуми директно на социјалните мрежи. Податоците од нивната платформа за борба против говорот на омраза, govornaomraza.mk, покажуваат дека од почетокот на годината се пријавени 116 случаи на говор на омраза.

Алгоритмите на социјалните мрежи, наместо да ја сопираат омразата, дополнително ја поттикнуваат бидејќи фаворизираат сензационализам и скандали за да привлечат повеќе кликови. Според податоците, најчесто на мета на говор на омраза се најранливите групи во општеството, како етничките и сексуалните малцинства (ЛГБТИ+), мигрантите, верските заедници и жените.

Токму жените, особено оние со јавни професии како активистки, новинарки и политичарки, се сè почесто цели на сексистички навреди и закани со јасна цел – да се замолчат и да се истиснат од јавниот и општествениот живот.

Најголемиот проблем не е само што омразата се шири брзо, туку што интернетот создава т.н. „ехо-комори“ (echo chambers) – дигитални простори каде младите се изложени исклучиво на радикални ставови кои дополнително ги продлабочуваат поделбите. Токму затоа, кога традиционалните механизми и институциите се бавни во лоцирањето и казнувањето на дигиталната омраза, граѓанскиот сектор и медиумите мора да делуваат превентивно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс