ВИДЕО: Невреме со две торнада предизвика хаос и поплави во Њујорк

Невремето од море преминаа на копно во Квинс и Лонг Ајленд, рушејќи објекти на плажа и блокирајќи клучни патишта.

Силно невреме проследено со две ретки торнада вчера ги погоди Њујорк и Лонг Ајленд, предизвикувајќи поплави и блокирајќи клучни сообраќајници. Националната метеоролошка служба потврди дека вртлозите што се формирале над океанот стигнале до копното кај Квинс и округот Насау. Најтешко е оштетен рекреативен клуб на брегот, а возила останаа заглавени по поплавените патишта.

Двете појави првично се формирале над вода крај јужниот брег на Квинс и округот Насау, по што преминале на копно и прераснале во торнада, соопшти Џон Мареј, метеоролог од Националната метеоролошка служба. Вртлогот во Квинс стигнал до копното во источниот дел на Рокавејс, непосредно јужно од меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“.

На Лонг Ајленд торнадото го погоди одморалиштето „Сан енд срф бич клаб“ во Атлантик Бич. Според противпожарниот командант во Инвуд, Џосаја Грин, ветрот оштетил околу 50 кабини и разурнал делови од ѕидови и покриви. Едно лице се здобило со полесна повреда на главата. Службите интервенирале и за спасување граѓани заглавени во автомобили поради надојдената вода.

Обилниот дожд предизвика затворање на сообраќајницата Бруклин-Квинс Експресвеј, додека Лонг Ајленд Експресвеј беше целосно затворен во двата правци кај булеварот Френсис Луис. Слично невреме со торнадо го погоди и градот Довер во сојузната држава Делавер, каде локалните власти прогласија вонредна состојба поради соборени стебла и прекини во снабдувањето со струја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс