Заради рекордното пресушување на Дунав Унгарија ја гаси нуклеарката што ѝ дава половина од струјата

Нуклеарната централа „Пакш“ првпат во својата 44-годишна историја ќе мора целосно да запре. Реката веќе нема доволно вода за безбедно ладење на реакторите, а топлотниот бран ја турка потрошувачката на струја кон максимум.

Рекордно нискиот водостој на Дунав ја носи Унгарија на работ на сериозна енергетска криза. Нуклеарната централа „Пакш“, која произведува речиси половина од електричната енергија во земјата, се подготвува за целосно исклучување на сите четири реактори.

Централата веќе работи со помалку од половина од вкупниот капацитет од два гигавати, а целосното запирање се очекува во понеделник. Тоа би било прво вакво исклучување откако „Пакш“ почна со работа пред 44 години.

Причината не е дефект, туку недостиг од вода.

Дунав повеќе не може да ги лади реакторите

„Пакш“ ја користи водата од Дунав за ладење на своите четири реактори. Но нивото на реката сега е 28 сантиметри под претходниот историски минимум, измерен во 2018 година.

Според операторот МВМ, централата се наоѓа во третата од четирите фази предвидени за работа при екстремно низок водостој. Ако биде активирана четвртата фаза, сите реактори задолжително ќе мора да бидат запрени.

Операторот уверува дека нема опасност за нуклеарната безбедност. И по запирањето, реакторите ќе продолжат да се ладат со значително помало количество вода. Но производството на електрична енергија целосно ќе престане.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар предупреди дека централата би можела да остане исклучена неколку недели, бидејќи во наредниот период не се очекува значително подобрување на водостојот.

Помалку струја во момент кога се троши најмногу

Запирањето доаѓа во најлош можен момент. Топлотниот бран ја зголемува употребата на климатизери, а вечерната потрошувачка на електрична енергија се очекува да порасне за околу 20 проценти.

Истовремено, дефект во најголемата унгарска гасна електрана веќе исфрли дополнителни 400 мегавати од системот.

Унгарската влада тврди дека недостигот може да се покрие со увоз на електрична енергија. Сепак, предупредува дека комбинацијата од намалено домашно производство, екстремни температури и зголемена потрошувачка може да создаде критична состојба во мрежата.

Фабриките ја намалуваат потрошувачката

Владата побара од големите индустриски потрошувачи, особено од автомобилските и фабриките за батерии, доброволно да ја намалат потрошувачката на струја и вода.

Нафтената компанија МОЛ најави намалување на потрошувачката на електрична енергија за 40 проценти. Фабриката на „Самсунг СДИ“ ќе користи 50 проценти помалку вода и 10 проценти помалку струја во критичните вечерни часови.

Државните институции ќе го исклучат декоративното осветлување, а можно е да бидат одложени и седниците на унгарскиот парламент.

Кога реките пресушуваат, застануваат и електраните

Проблемот одамна не е само унгарски. Нискиот водостој веќе принуди еден реактор во романската нуклеарна централа „Чернавода“ да биде исклучен, а слични ограничувања во производството се воведуваат и во други европски земји.

Дунав истовремено станува сè потежок за товарен речен сообраќај, што дополнително ги зголемува трошоците за транспорт и снабдување.

Сушата повеќе не е само проблем за земјоделството. Кога реките немаат доволно вода, застануваат бродовите, фабриките и електраните. Европа сега во реално време гледа како климатската криза прераснува во енергетска и економска криза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс