Европа ризикува да стане зависна од Америка во ерата на вештачката интелигенција

Европа сака економски раст, технолошки суверенитет и поправедна распределба на богатството, но во ерата на вештачката интелигенција овие цели стануваат сè потешки за усогласување. Според поранешниот претседател на Европската централна банка и поранешен италијански премиер Марио Драги, Европа сè уште има една голема предност што може да ја искористи, сопствените податоци.

Во коментар за „Фајненшл тајмс“, Драги ја продолжува анализата од неговиот извештај за европската конкурентност од 2024 година, но овојпат фокусот го става врз инфраструктурата без која развојот на вештачката интелигенција не е можен.

Неговата основна теза е дека Европа не може да биде технолошки суверена ако за најважните дигитални ресурси и инфраструктура зависи од други сили, пред сè од САД и Кина.

Европа заостанува во трката за вештачка интелигенција

Драги потсетува дека Европа во исто време се обидува да обезбеди економски раст, поголема стратешка независност и социјален модел кој нема да создава дополнителни нееднаквости и еколошки трошоци.

Вештачката интелигенција, според него, може да биде значаен двигател на продуктивноста. Сценаријата на Европската централна банка што ги цитира покажуваат дека забрзаната примена на AI би можела годишно да ја зголеми вкупната факторска продуктивност за 0,3 до 0,4 процентни поени.

Тоа е особено важно затоа што растот на продуктивноста во еврозоната практично стагнира од 2022 година. Истовремено, јазот во продуктивноста меѓу еврозоната и САД се зголемил. Според податоците што ги наведува Драги, разликата од околу 9 долари по работен час во 2018 година достигнала 21 долар во 2025 година.

Проблемот е што Европа контролира само мал дел од целиот синџир неопходен за развој и користење на најнапредната вештачка интелигенција.

Најголемата европска предност се податоците

Европа тешко може финансиски да се натпреварува со американските и кинеските технолошки гиганти во развојот на најголемите AI модели. Исто така, заостанува во производството на најнапредни чипови. Но Драги смета дека постои област во која Европа сè уште има значајна предност податоците. Континентот располага со огромни количини јавни здравствени и статистички податоци, како и со индустриски податоци создадени во високоавтоматизираните европски производствени системи.

Според проценките на Европската комисија што ги цитира Драги, европската економија базирана на податоци би можела до 2030 година да достигне вредност поголема од 800 милијарди евра, односно повеќе од 5 проценти од БДП.

Но за таа вредност навистина да се искористи, податоците мора да можат да се чуваат и обработуваат под европска контрола. Тука се појавува следниот проблем, инфраструктурата.

Европа има премалку центри за податоци

Додека во САД сè почесто се зборува за прекумерната изградба на центри за податоци, Драги тврди дека Европа има спротивен проблем. Европската Унија располага со помалку од 5 проценти од глобалниот капацитет за обработка на податоци, додека САД имаат околу 75 проценти.

Недостигот не е само потенцијален проблем за иднината. Според проценките што ги наведува Драги, Европа веќе има јаз од околу 3 гигавати меѓу побарувачката и инсталираниот капацитет на центрите за податоци. До 2030 година тој јаз би можел да достигне 14 гигавати. Тоа создава двоен ризик. Европските компании би можеле да избегнуваат примена на AI затоа што не можат да ги задржат чувствителните податоци во Европа, или пак користењето на компјутерската инфраструктура би можело да стане прескапо и да ја забави дигиталната трансформација.

Драги како пример ја наведува и разликата во цените на суверените облачни услуги: според неговите податоци, „Амазон“ во Германија за својот суверен облак наплаќа околу 15 проценти повеќе од стандардната услуга.

Зошто Европа не гради побрзо?

Еден од проблемите е времето потребно за изградба. Според анализата на Драги, центар за податоци во САД може да биде изграден за околу 24 месеци, додека во Германија просекот е околу 42 месеци. Причините се бавните процедури за добивање дозволи, како и приклучувањето на електроенергетската мрежа.

Дополнителен проблем е цената на електричната енергија. Во делови од Европа изградбата и работењето на ваквите објекти се значително поскапи отколку во Кина. Сепак, Драги посочува дека постојат исклучоци – центар за податоци во Шведска, на пример, е само околу 10 проценти поскап од кинески споредлив објект.

Но, според него, најголемата пречка е друга: Европа нема доволно големи купувачи кои однапред би гарантирале дека капацитетот на новите центри ќе биде искористен. Во САД таквата побарувачка ја создаваат големите технолошки компании и AI лаборатории. Во Европа побарувачката е многу повеќе распрскана меѓу милиони компании.

Драги предлага европските компании да ги здружат силите

Решението што го предлага Драги е создавање големи заеднички купувачи.Наместо секоја компанија сама да обезбедува релативно мал компјутерски капацитет, најголемите европски компании би можеле да ги здружат своите потреби во долгорочни договори.

Таквите договори би им овозможиле на инвеститорите полесно да обезбедат финансирање за изградба на нови центри за податоци. Како пример го наведува конзорциумот во кој учествуваат АСМЛ, „Капџемини“ и „Амадеус“, кои се обврзале на повеќегодишно користење на европски компјутерски капацитети за „Мистрал“. Според анализата, со вакви договори до 2030 година би можел да се обезбеди капацитет од околу еден гигават.

Идејата е Европа да создаде сопствена побарувачка доволно голема за да може да ја финансира и сопствената инфраструктура.

Борбата не е само за технологијата, туку и за моќта

Драги предупредува и на поширок ризик. Ако европската економија стане зависна од странски AI системи, идните политички одлуки во Вашингтон или Пекинг би можеле директно да влијаат врз европската економија.Тој предупредува дека во иднина пристапот до најнапредните модели би можел да стане средство за политички или економски притисок, слично на зависноста од други клучни финансиски или стратешки системи.

Затоа, според неговата логика, контролата врз податоците, центрите за податоци и компјутерскиот капацитет не е само технолошко прашање. Таа станува прашање на економска и политичка безбедност. Драги истовремено предупредува дека развојот на AI не смее да создаде нова технолошка олигархија. Според него, здружувањето на европската побарувачка и создавањето повеќе конкуренти на пазарот може да помогне профитот и моќта да не се концентрираат кај мал број компании.

На крајот, неговата порака е дека Европа сè уште има простор да ја задржи својата позиција во AI-трката, но тој простор не е неограничен. Сопствените податоци, инфраструктурата за нивна обработка и способноста европските компании да инвестираат заедно би можеле да бидат клучот за тоа дали континентот ќе остане корисник на туѓа технологија или ќе стане еден од центрите што ја создаваат иднината на вештачката интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс