Албумот „Wind to Blow“ на Добрила и Дориан меѓу 20-те најдобри албуми во Европа

Македонското дуо со материјалот „Wind to Blow“ се најде на престижната октомвриска листа на реномираниот World Music Charts Europe.

Македонското музичко дуо Добрила и Дориан со албумот „Wind to Blow“ се пласираше меѓу 20-те најдобри world music изданија во Европа. Според официјалната октомвриска листа на престижната европска панел-платформа World Music Charts Europe (WMCE), домашните музичари го зазедоа дваесеттото место на табелата што ја кројат водечките европски радиски уредници и музички новинари од областа на светската музика, објави „Брц“.

Албумот „Wind to Blow“ обезбеди место на октомвриското рангирање во силна интернационална конкуренција на проекти од четири континенти. Врвот на овој месец му припадна на турскиот психоделичен состав Baba Zula со изданието „XXX“.

Веднаш зад лидерот се најдоа значајни имиња од светската сцена. Меѓу нив се африканскиот музичар King Ayisoba од Гана, италијанскиот традиционален состав Officina Zoè, како и шпанското инструментално дуо Germán Díaz & Benxamín Otero. Присуството на Добрила и Дориа“ на оваа табела претставува директно вреднување на нивниот пристап кон македонската музичка традиција.

World Music Charts Europe важи за референтна институција чиј поредок не зависи од комерцијални алгоритми или број на преслушувања. Листата ја формира жири составено од специјализирани музички уредници кои водат авторски радиоемисии на јавните и независните радиодифузери ширум европскиот континент.

Секој месец овие уредници номинираат и оценуваат стотици нови изданија. Пласманот на 20-та позиција значи директен влез на македонскиот проект во европскиот радиоетер и редовните плејлисти на критичарите за светска музика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс