ЕУ бара замена за Visa и Mastercard за да го намали американското влијание

Европските институции ги гледаат американските картички како геополитички ризик и подготвуваат дигитално евро за плаќања под сопствена контрола.

Европската Унија ја забрзува работата на дигиталното евро со цел да ја прекине долгогодишната зависност од американските платни системи Visa и Mastercard. Двете компании моментално обработуваат над 60 проценти од плаќањата со картичка во еврозоната и речиси сите меѓугранични трансакции. Поради растечките геополитички тензии и искуствата од санкциите кон Русија, Брисел и Европската централна банка оваа доминација повеќе не ја третираат како комерцијално прашање, туку како стратешки и безбедносен ризик за континентот.

Годинава Европската централна банка повторно ги интензивираше предупредувањата за ранливоста на европскиот финансиски сектор. Кога Visa и Mastercard ги прекинаа своите операции во Русија по почетокот на војната во Украина, за неколку дена стана јасно колку брзо пристапот до меѓународните мрежи може да се претвори во политичка алатка за притисок.

Освен ризикот од евентуални блокади, европските институции укажуваат и на постојаниот одлив на податоци. Голем дел од информациите за финансиските навики на европските граѓани завршуваат на сервери надвор од Унијата, додека локалните трговци со години се жалат на континуираниот раст на провизиите што ги диктираат американските гиганти.

Дигиталното евро е замислено како електронски облик на заедничката валута што ќе го издава директно ЕЦБ. Тоа нема да ги замени готовинските пари ниту традиционалните банкарски сметки, туку ќе понуди паралелна, јавна инфраструктура за дигитални плаќања. Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека на Европа ѝ е потребно сопствено решение за да го зачува суверенитетот во финансискиот сектор.

Граѓаните ќе можат да го користат дигиталното евро за онлајн и за физички плаќања преку апликации од комерцијалните банки, но самите трансакции ќе одат преку европска мрежа. Според сегашната временска рамка, првиот пилот-проект треба да започне во 2027 година, а пошироката употреба се планира за 2029 година.

Паралелно со проектот на ЕЦБ, во Европа се развиваат и приватни иницијативи како EuroPA и Wero, кои ги поврзуваат националните системи за инстант плаќање од Шпанија, Португалија, Полска и Франција. Целта е да се создаде затворена мрежа за околу 380 милиони луѓе во 15 држави.

Овој тренд не е изолиран само во ЕУ. Во Велика Британија водечките банки развиваат алтернатива за домашниот пазар каде Visa и Mastercard покриваат дури 95 проценти од трансакциите. Во меѓувреме, Бразил постигна голем успех со својот државен систем PIX, преку кој денес се одвиваат повеќе од половина од сите плаќања во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс