Search

Дете на Југославија

Јас сум дете на Југославија. Можеби звучи “офуцано“, или што би рекле младите денес – “лејм“ (англиски: lame), но тоа е целосната историска, општествена, идеолошка и културолошка вистина. Роден сум во тогаш Државна болница во Скопје, СР Македонија (СФРЈ), во сега веќе далечната 1972 година. Типичен сум претставник на генерацијата Х (икс), иако рандом екипи на “миленијалци“ нагалено ме нарекуваат “бумер“, што е последица од благите трауми наследени од нивните оригинал бејби бум родители, во исто време завидувајќи ми на слободниот дух, невидената самодоверба, неоптовареноста со моето место во општеството и секако љубомората што сум растел во 80тите во Југославија. Ем Југославија, ем ЕМ-ТИ-ВИ, ем Тито, ем Боуви, ем Јадранско море. Пукнете миленијалци!

Југославија беше земја, многу слична на денешна Македонија: корупција, простотилак, крадење… Сепак, ако фатиш од Триглав па надоле до Вардар, имаше доволно паметни и напредни луѓе за да се анулира баграта што влечеше назад. Постоеше солидна вертикала, функционална структура и најважно од сѐ, национализмот беше забранет. Југославија беше Европа во мало. Во неа (речиси) сложно живееја барем дваесетина различни народи. Југославија балансираше на острицата помеѓу истокот и западот и беше предводник на третиот светски блок, Движењето на Неврзаните. Југославија беше светски шампион во кошарка, ракомет, ватерполо и сите спортови. Југославија беше земја со над дваесет милиони луѓе, развиена индустрија од секаков тип и сериозна автохтона поп култура. Растевме учејќи дека сме за мир, разбирање и дека сме најдобрата земја во светот. Југославија беше сосем пристојно место за живеење.

Југославија беше земја на многу празници, а луѓето просто уживаа да празнуваат. Најголем југословенски празник беше 29 Ноември – Денот на Републиката. Претставниците на најсвежата Генерација Z (зумери), како впрочем и старите добри миленијалци, секако не знаат дека на овој ден, далечната 1943 година во босанскиот град Јајце е одржано второто заседание на АВНОЈ, каде што се поставени темелите на мојата сакана Титова Југославија. На овој ден за прв пат официјално е признаено и постоењето на Македонија како посебен ентитет, југословенска федерална единица, всушност држава. Не толку поради Југославија, колку за Македонија, 29 Ноември за мене секогаш ќе биде денот на републиката. Нашата република. Македонија.

Национализмот и примитивизмот сепак успејаа да ѝ земат мерка на земјата која за прв пат во историјата, на овие балкански народи им обезбеди мир и просперитет од неколку децении. Дивите орди на патријархатот, рака под рака со сиот тој религиозен гној од регионот, го заиграа орото на војната и ѝ го распарчија телото, уништувајќи го нашиот заеднички просперитет.

За денешните генерации Југославија е симбол за нешто минато, некоја глупава носталгија на постарите, но и извор на неверојатно погрешни и неинтелигентни толкувања. Разноразни опортунисти, левичари од Али Експрес, провинцијални сталинистички истресоци, па и наци крмаци, ја деформираат меморијата за таа земја и нејзините вредности. Во комплексната спирала на историјата, Југославија не е минато. Таа за мене претставува идеја, искуство, ѕвезда водителка и облик на нештата кои допрво ќе дојдат. Тркалото (на историјата) се врти, а примитивизмот и национализмот како деструктивни сили немаат и никогаш немале теоретски шанси против конструктивната мисла и прогресот. Концептот за заедништво, соработката помеѓу луѓето и секако љубовта, се градежни блокови од кои е изѕидана нашата цивилизација.

Јас сум дете на Југославија. Никогаш никој нема да може да ми ги одземе песните на Идоли, Боа, Бијело Дугме, Леб и Сол, Арсен и Габи. Влажните сништа за Ања Рупел (Видеосекс) остануваат засекогаш безбедни во оваа тврда македонска тиква. Мојот живот и ангажман беа премиерно најавени на “Хит Месеца“. Токму Дубравка – Дуца Марковиќ лично спомна дека ќе се случам. Убав ден Ви посакувам, мои дами и господа.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни