Од 1 ноември, за влез во Црна Гора на државјаните на Русија, Турција, Кина, Белорусија и Саудиска Арабија им е потребна виза. Со оваа одлука Подгорица ја усогласува својата визна политика со правилата на Европската Унија, во рамките на преговорите за членство во ЕУ.
За лицата од овие пет земји кои влегле во Црна Гора најдоцна до полноќ на 31 октомври важи преоден рок: тие можат да останат во земјата без виза до 30 дена. Оние што веќе имале легален престој на 1 ноември можат да го продолжат според претходно важечките правила.
Како се поднесува барање за виза?
Барањата за црногорска виза се поднесуваат во дипломатските и конзуларните претставништва на Црна Гора или во центрите на „ВФС Глобал“ (VFS Global), каде што е достапна оваа услуга. Не е можно барањето да се поднесе додека лицето се наоѓа на територијата на Црна Гора.
Конзуларната такса изнесува 35 евра, а за барањата поднесени преку центрите на „ВФС Глобал“ се наплаќаат и дополнителни трошоци. Одлуката за издавање виза вообичаено се носи во рок од 10 дена. Во посложени случаи постапката може да трае 30 или 60 дена.
За краткорочна виза од типот Ц, барањето треба да се поднесе најмалку 15 дена пред планираното патување. За долгорочна виза од типот Д, рокот е најмалку 60 дена однапред. Според црногорското Министерство за надворешни работи, „ВФС Глобал“ во моментов прима барања за црногорски визи во своите центри во Турција, Русија и Белорусија. Планирано е отворање центри и во Кина и Саудиска Арабија.
Кој може да влезе без црногорска виза?
И покрај новите правила, одредени странски државјани и понатаму можат да влезат во Црна Гора и да престојуваат до 30 дена без да добијат црногорска виза.
Ова важи за лицата што поседуваат важечка шенген-виза или виза издадена од Австралија, Јапонија, Канада, Нов Зеланд, Ирска, САД или Обединетото Кралство.
Истиот режим се однесува и на странските државјани кои имаат важечка дозвола за престој во некоја од овие земји или во држава од Шенген-зоната.
Белорусија возврати со визи за црногорските државјани
Одлуката на Црна Гора предизвика и реципрочна мерка од Белорусија. Според Министерството за надворешни работи на Црна Гора, белоруската амбасада ја известила Подгорица дека од 1 ноември и за црногорските државјани е потребна виза за влез во Белорусија.
Од друга страна, кинеската амбасада во Подгорица соопштила дека црногорските државјани можат да патуваат во Кина без виза до 31 декември 2026 година. За патување во Саудиска Арабија, црногорските државјани и досега морале да обезбедат виза.
