Рим воведе „црвена зона“ околу Колосеумот поради пораст на криминалот

Војската и полицијата ќе патролираат деноноќно околу најпознатиот антички амфитеатар најмалку до крајот на декември.

Италијанските власти воведоа строги безбедносни мерки и прогласија „црвена зона“ околу Колосеумот во Рим. Одлуката следува по зголемениот број кривични дела и серијата насилни инциденти во историскиот центар на градот. Зоната подразбира постојано физичко присуство на полициски сили и војници, со цел да се заштитат локалните жители и милионите туристи кои секојдневно ја посетуваат локацијата. Режимот стапи на сила кон крајот на август и ќе трае барем до 24 декември.

Официјален Рим пресече по серија инциденти во непосредна близина на амфитеатарот. Најсериозниот се случи во јули, кога група од околу 50 млади луѓе директно нападна полициска патрола. Напаѓачите фрлаа пиротехнички средства кон службениците, при што беа повредени неколку полицајци.

Градските власти преку ваквите инциденти препознаа поширок бран на криминал во старото јадро. Проблемот не се сведува само на џепни кражби, туку опфаќа и отворена трговија со дрога, оштетување имот и нарушување на јавниот ред.

Во рамки на специјалниот режим, патролите се присутни на терен во текот на целиот ден. Италијанската војска веќе постави физички бариери и привремени контролни пунктови на приодите кон знаменитоста.

Оваа пракса веќе функционира на повеќе фреквентни туристички точки низ земјата, но сега добива поригорозна форма. Мерките доаѓаат во период кога главниот град се подготвува за голем прилив на посетители пред претстојните католички празници на крајот на годината.

И покрај видливото присуство на униформирани лица со долго оружје, туристите продолжуваат да пријавуваат кражби во гужвите. Џепните крадци користат моменти на невнимание кај странците додека тие фотографираат или чекаат во ред за влез. Локалните безбедносни служби се соочуваат со предизвик како да воведат ред без целосно да го блокираат слободниот пристап до античкиот споменик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс