Claude добива голема промена: сега може сам да ви креира документи, презентации и табели

Anthropic ги спојува повеќе алатки во еден интерфејс, па корисниците повеќе нема да мораат да менуваат режими за различни задачи

Claude добива нов начин на работа што треба да го поедностави користењето на повеќе негови функции. Компанијата Anthropic започна со воведување на нови можности со кои корисниците можат директно во разговорот да бараат креирање документи, презентации и други материјали. Наместо посебно да отвораат различни алатки, корисниците можат едноставно да му кажат на Claude што сакаат да направи. На пример, може да побараат документ од една страница со најважните информации за одредена тема, а резултатот ќе биде прикажан директно во разговорот.

Документите во почетокот се приватни, но можат да се споделат со колеги. Тие може да се уредуваат во самиот Claude, а потоа да се извезат и отворат во Google Docs или Microsoft Word.

Презентација директно од разговорот

Новите можности не се ограничени само на текстуални документи. Claude сега може да креира и презентации директно во разговорот. Корисникот може да побара презентација на одредена тема, по што Claude ги создава слајдовите и ги прикажува во истиот интерфејс.

Слајдовите може дополнително да се уредуваат, а готовата презентација да се извезе во PowerPoint или PDF формат.

Cowork и Artifacts се спојуваат

Anthropic истовремено ги поврзува функциите Cowork и Artifacts во пообединет интерфејс. Cowork е режим во Claude кој користи агенциска вештачка интелигенција за извршување задачи во повеќе чекори. Тој може, на пример, да чита деловни документи и врз основа на нив да создава нови документи, презентации или табели.

Artifacts, пак, се користат за содржини што корисникот сака да ги зачува и повторно да им пристапи – од документи и дијаграми до HTML веб-страници. Од Anthropic објаснуваат дека досегашната поделба на алатките понекогаш ги збунувала корисниците, особено затоа што работата започната во еден режим не се пренесувала автоматски во друг.

„One Claude“

Новите функции се дел од концептот „One Claude“, со кој компанијата сака повеќе можности да ги обедини во еден интерфејс. Наместо корисникот однапред да избира дали му треба Cowork, Design или друга алатка, Claude треба самиот да процени што е потребно за конкретната задача.

Според Anthropic, тоа значи дека можностите што досега биле достапни преку различни режими сега може да се користат од кој било разговор, со задржување на контекстот, достапните вештини и конекторите. Новите функции во следните неколку недели се воведуваат за корисниците со Pro и Max претплати на веб, десктоп и мобилни уреди. Корисниците на бесплатниот и Team пакетот ќе ги добијат во подоцнежна фаза.

Практично, Claude постепено се поместува од четбот во алатка што не само што одговара на барања, туку може и да ја изработи конечната содржина што корисникот му ја побарал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс