Бугарија ја зголемува безбедноста во базата „Безмер“ по иранските закани

Софија ги зголеми мерките за безбедност во воената база откако иранските сили ги анализирале американските воени објекти како можни цели.

Бугарија ги засили безбедносните мерки во воената авиобаза „Безмер“ по извештаите дека Иран разгледувал потенцијални напади врз американски воени цели во Југоисточна Европа. Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана во Софија спроведуваат превентивни дејства со повизок степен на заштита од тековната проценка на заканата. Ситуацијата се следи непрекинато додека американските авиони-цистерни обезбедуваат логистичка поддршка од бугарската територија.

Засилените мерки на бугарските власти следуваат по информациите оти иранските сили ја разгледувале можноста за удари врз американски воени објекти во регионот. Според извори блиски до режимот во Техеран, проценките биле направени како сценарио во случај на дополнителна ескалација на односите меѓу САД и Иран. Покрај локациите во Бугарија, во иранските анализи како можна цел се споменува и Кипар.

Бугарскиот парламент минатиот месец одобри престој на осум американски авиони KC-135 за полнење гориво во воздух и до 250 американски војници во базата „Безмер“. Присуството на американските сили е предвидено за логистичка поддршка на операциите на Блискиот Исток. Властите во Софија нагласија дека од бугарскиот воздушен простор и територија нема да се изведуваат директни борбени операции.

Зголемувањето на безбедносните мерки доаѓа во момент кога преговорите меѓу Вашингтон и Техеран се наоѓаат во застој. И покрај претходните дипломатски обиди за деескалација, тензиите во регионот остануваат високи, а паралелните разговори за пловидбата низ Ормускиот Теснец сè уште немаат донесено конечно решение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс