Белгија итно повлекува контаминирани јајца, салмонела зарази над 300 луѓе

Поради ширење на бактеријата целосно е затворена живинарска фарма, додека европските системи за безбедност на храната испратија предупредување до повеќе земји.

Најмалку 306 луѓе во Белгија се заразени со бактеријата салмонела преку контаминирани јајца, потврди белгиската Сојузна агенција за безбедност на синџирот на исхрана. Здравствените и инспекциските власти наредија целосно затворање на фармата на компанијата „Лаерко“ и повлекување на сите нејзини производи од маркетите, со цел да се спречи натамошното ширење на епидемијата.

Инспекциските служби првично утврдиле присуство на бактеријата во само еден живинарник уште во текот на пролетта, по што започнало делумно повлекување на производите. Бидејќи бројот на новозаболени лица не се намалувал со очекуваното темпо, дополнителните лабораториски анализи покажале дека бактеријата зафатила уште еден погон, што наложило целосно ставање клуч на целиот производствен капацитет.

Спорните серии на јајца се продавале во големите трговски синџири како „Алди“, „Карфур“, „Колрујт“ и „Делхајз“. Мерката за повлекување на производите веднаш беше проширена и во соседен Луксембург, а известување преку европскиот систем за брзо предупредување е испратено и до Франција, Германија, Холандија, Италија и Португалија.

Иако засегнатите серии јајца примарно циркулираат на западното европско тло, европскиот систем за брзо предупредување за безбедност на храна и храна за животни овозможува сите земји увознички навремено да реагираат.

Салмонелата е бактериска инфекција која предизвикува дигестивни нарушувања, висока телесна температура, стомачни грчеви и дехидратација, а кај поранливите категории граѓани може да доведе до сериозни компликации. Здравствените експерти апелираат на задолжителна темелна термичка обработка на јајцата и месото, како и одржување висока хигиена при подготовката на храната.

е-Трн да боцка во твојот инбокс