Десет загинати во руски ракетен напад врз прометна крстосница во Харков

Во раните утрински часови ракети погодија пошта, продавници и станбени згради во Печењиги, а властите најавуваат воен одговор.
Фото: X/ZelenskyyUa

Најмалку десет лица загинаа, а 17 се ранети откако руските сили утринава извршија ракетен напад врз Печењиги во Харковската област. Проектилите погодиле прометна крстосница во момент кога на местото имало голем број цивили. Украинските власти потврдија дека во ударот се оштетени повеќе приватни куќи, угостителски објект, пошта и локални продавници.

Нападот врз населеното место Печењиги е дел од поширок бран руски удари што во текот на ноќта и утрото зафатија повеќе региони, меѓу кои и Киевската и Запоришката област.

Според информациите што ги соопшти началникот на регионалната воена управа на Харков, Олех Синјехубов, сите повредени лица веднаш биле префрлени во медицински установи каде што им се укажува лекарска помош. На теренот се забележани сериозни оштетувања на најмалку десет приватни куќи, а целосно или делумно се уништени локалниот кафе-бар, објектот на поштата и неколку трговски објекти. Пожарникарите и спасувачките екипи локализираа неколку пожари предизвикани од експлозиите. Притоа се оштетени и најмалку седум патнички возила што биле паркирани во близина на крстосницата.

Фото: X/ZelenskyyUa

На трагичниот настан реагираше и украинскиот претседател Володимир Зеленски преку порака на социјалните мрежи, каде што изрази сочувство до семејствата на загинатите и ги осуди руските дејствија.

Зеленски посочи дека цел на нападот било место каде што секојдневно се движат голем број граѓани, со оглед на тоа што крстосницата се наоѓа во непосредна близина на поштата и трговските објекти, опкружени со станбени згради. Тој најави дека украинските сили за безбедност ќе дадат воен одговор на овој удар, но истовремено побара од меѓународните партнери да го засилат дипломатскиот и економскиот притисок врз Москва.

Специјалните служби и истражните органи продолжуваат со увид на местото на настанот за целосно да ги утврдат сите околности под кои е извршен нападот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс