Вештачката интелигенција сè подобро се справува со сложени математички задачи, но токму тој напредок отвора сериозни прашања во научната заедница. Дваесет и пет истакнати математичари, меѓу кои и добитници на престижната Филдсова медал, предупредуваат дека трката за што побрзо добивање резултати може да ја поткопа самата основа на математиката како научна дисциплина.
Предупредувањето е содржано во отворена декларација објавена на платформата „Math and AI“, како реакција на неодамнешните контроверзии околу тврдењата дека системи со вештачка интелигенција решиле некои од најсложените математички проблеми.
Авторите сметаат дека во развојот на AI се создава опасен јаз меѓу целите на технолошките компании и начинот на кој математичката заедница традиционално го гради знаењето.
Наместо разбирање на проблемот, проверка на методите и постепено градење врз претходните научни сознанија, сè поголем акцент се става на брзо произведување резултати – без разлика дали тие се целосно точни или не.
Не е доволно машината да го даде точниот одговор
Математиката не се темели само на конечниот резултат. За научниците подеднакво важно е како е дојдено до него, кои методи се користени, дали доказот може независно да се провери и како новото сознание се вклопува во постојното знаење.
Токму тука, според потписниците на декларацијата, се појавува еден од најголемите проблеми со масовната употреба на AI.
Трката меѓу алгоритмите за решавање математички проблеми остава сè помалку простор за детална анализа на методите, за дискусија со други научници и за правилно поврзување со претходни истражувања.
Со тоа се отвораат и прашања за авторството, плагијатот и заштитата на интелектуалниот труд.
На удар може да биде и образовниот процес. Традиционално, математичкото знаење се пренесува постепено – преку усвојување идеи, методи и апстракции, преку дискусии и поедноставување на сложените концепти, а потоа и преку нивно пренесување на новите генерации студенти.
Ако AI почне масовно да произведува решенија без јасно објаснување и без човечкиот процес на проверка и разбирање, научниците стравуваат дека ќе биде нарушен и тој синџир на пренос на знаење.
Проблемот, според нив, не е во самата технологија. Напротив, вештачката интелигенција може да стане моќна алатка за забрзување на истражувањата и за откривање нови математички врски.
Ризикот се појавува кога алатката ќе почне да го заменува научниот процес наместо да му служи.
Научниците бараат итна реакција
Авторите на декларацијата сметаат дека за последиците од оваа промена не може да одлучуваат само компаниите што ги развиваат системите за вештачка интелигенција.
Потребна е координирана реакција од математичката заедница, технолошкиот сектор и поширокото општество, бидејќи истите проблеми наскоро би можеле да се појават и во други области на интелектуалниот труд.
Клучното прашање не е дали AI може да реши математички проблем. Сè повеќе станува очигледно дека може.
Прашањето е што ќе остане од научниот процес ако машината произведува резултати побрзо отколку што луѓето можат да ги проверат, разберат, објаснат и да ги претворат во трајно знаење.
Ова не е првпат математичарите да предупредуваат на потребата од правила. На почетокот на летото беше потпишана и таканаречената „Лајденска декларација“, откако AI-модел на „OpenAI“ автономно реши проблем поврзан со математичарот Пол Ердеш.
Но, наместо да се забави трката, развојот продолжува со уште поголема брзина.
Токму затоа авторите на новата декларација бараат итна реакција – пред способноста на машините да произведуваат математички резултати да стане поважна од човечкото разбирање на тоа што тие резултати всушност значат.