Новото ледено доба на Земјата можеби веќе започнало пред околу 2.000 години, но глобалното затоплување го запрело пред целосно да се развие, покажува новото истражување на научниците од Климатската школа при Универзитетот Колумбија. Со проучување на древни растенија зачувани под ледената капа Барнс на канадскиот остров Бафин, истражувачите утврдија дека остатоците од некогашната масивна ледена покривка повторно се ширеле сè до 1960-тите години, кога зголемените летни температури го свртеле процесот во спротивна насока.
Студијата објавена во научното списание „Сајанс“ (Science) ја следи историјата на Лаурентидската ледена покривка, огромна ледена маса што пред 95.000 до 20.000 години покривала голем дел од Канада и северниот дел на Соединетите Американски Држави. Во својот најголем обем таа се протегала од Арктичкиот круг сè до Илиноис, а на одредени места мразот бил дебел повеќе од три километри. Иако поголемиот дел од оваа покривка исчезнал со затоплувањето на климата, еден нејзин дел опстанал до денес. Станува збор за ледената капа Барнс на островот Бафин во канадската територија Нунавут, која зафаќа површина приближно колку американската сојузна држава Делавер.
За разлика од повеќето глечери што лизгаат по подлогата и ги уништуваат геолошките траги, ледената капа Барнс е директно замрзната за карпестото тло под неа. Поради тоа, растенијата што растеле на почвата пред мразот да ги прекрие останале недопрени илјадници години. Откако оваа ледена маса почнала да се повлекува во 1960 година, закопаната вегетација постепено излегува на површина, овозможувајќи им на научниците преку радиојаглеродно датирање да утврдат кога точно растенијата престанале да растат и биле покриени со мраз.
„Ако го направите ова доволен број пати, всушност можете да создадете временска линија за тоа како работ на мразот систематски напредувал преку растенијата. Буквално го следите ширењето на тој леден раб“, изјави Николас Јанг, геохемичар во Опсерваторијата Ламонт-Доерти при Климатската школа на Колумбија.
Резултатите од анализата на вегетацијата под Барнс и под помали околни ледени капи покажуваат дека Лаурентидската ледена покривка го достигнала својот најмал обем пред околу 3.000 години. Потоа, пред приближно 2.000 години, температурите станале доволно ниски за преостанатиот мраз повторно да почне да се шири. Според научниот тим предводен од Николас Јанг и Јерг Шефер, овој обновен раст претставува почеток на следниот глацијален период на Земјата, кој во секојдневниот говор се нарекува ледено доба.
Технички, планетата сè уште се наоѓа во доцнокенозојското ледено доба кое започнало пред околу 34 милиони години, но во неговите рамки се менуваат постудени глацијални и потопли меѓуглацијални периоди, каков што е денешниот. Додека претходните климатски модели проценуваа дека следната глацијација нема да почне уште илјадници години, авторите на новата студија предлагаат почетокот на леденото доба да се мери од првото одржливо ширење на постојната ледена покривка, а не дури откако мразот ќе прекрие цели континенти.
Ова откритие фрла ново светло и врз научните дебати од 1970-тите години, кога дел од истражувачите предупредувале дека се приближува ново ледено доба. Според Јанг, тој процес навистина бил во тек, но бил во својата најрана фаза. За ладењето да стане забележливо на глобално ниво би биле потребни илјадници години, а на Лаурентидската ледена покривка би ѝ требале околу 30.000 години за повторно да ги достигне своите некогашни континентални димензии.
До 1960-тите години климатските услови се промениле до тој степен што ледената капа Барнс почнала да губи повеќе мраз во текот на летото отколку што можела да надомести преку зимските снежни врнежи. Наместо да продолжи да се шири, древниот мраз почнал забрзано да се топи, со што развитокот на глацијалниот период бил прекинат пред да прерасне во целосно ледено доба.
„Штотуку започнуваше, сè беше нормално, следната глацијација требаше да се случи – и сепак запре. Тоа е многу силен пример за тоа како го потресовме системот“, вели Јанг.
Климатските модели предвидуваат дека ледената капа Барнс би можела целосно да исчезне во следните неколку векови, со што ќе се загуби последниот преживеан остаток од Лаурентидската покривка. Научниците предупредуваат дека тоа има долгорочно значење за идните природни циклуси. Во минатото, големата постојна маса на мраз создавала услови за полесно таложење нов снег и мраз преку процес на позитивна повратна спрега, забрзувајќи го ширењето на глечерите штом климата ќе залади. Без оваа почетна точка и во услови на висока концентрација на стакленички гасови во атмосферата, формирањето на идните континентални ледени покривки ќе се одвива на сосема поинаков начин.
„Она што беше исклучително природен и предвидлив феномен, сега го нема“, заклучува Јанг.
