Кога жените проговорија за својата сексуалност: истражувањето на Шер Хајт што во 1976 година ја вознемири патријархалната јавност

Пред 84 години се роди истражувачката што во седумдесеттите им овозможи на илјадници жени анонимно да кажат што навистина мислат за сексот, телото и љубовта. „Извештајот на Хајт“ стана светски бестселер, а неговата авторка беше изложена на подбивања и напади толку силни што на крајот се откажа од американското државјанство.

Шер Хајт е родена на 2 ноември 1942 година во Сент Џозеф, во американската држава Мисури, како Ширли Дајана Грегори. Студирала историја на Универзитетот во Флорида, а потоа запишала докторски студии на Универзитетот Колумбија во Њујорк. За да се издржува, работела како модел, а една реклама за машини за пишување во која учествувала, со порака што ги прикажувала жените како украс во канцеларијата, ја доближила до феминистичкото движење. Наместо да молчи, таа се приклучила на протестите против рекламата, а набргу потоа почнала да работи на проект за женската сексуалност.

Методот бил едноставен, а за тогашната наука речиси субверзивен. Хајт поделила анкети со отворени прашања преку женски организации, списанија и цркви, барајќи од жените со свои зборови да опишат што чувствуваат, што сакаат и што тврдат дека чувствуваат. Од околу сто илјади поделени прашалници добила одговори од речиси три илјади жени. Тоа не бил примерок што ги задоволувал строгите статистички стандарди, на што критичарите постојано ќе се навраќаат, но сведочењата биле толку детални и искрени што дотогашните истражувања не нуделе таков увид.

„Извештајот на Хајт“, објавен во 1976 година, разби еден од најцврстите митови на модерната сексуалност. Огромното мнозинство жени изјавиле дека ретко или никогаш не доживуваат оргазам само преку пенетрација, а дека многу полесно го постигнуваат со стимулација на клиторисот. Пораката беше јасна: проблемот не е во жените, кои со децении биле етикетирани како фригидни, туку во моделот на сексуалност изграден околу машкото задоволство. Книгата е продадена во десетици милиони примероци и преведена на многу јазици.

Успехот донесе и реакција. Додека книгата за машката сексуалност од 1981 година помина релативно мирно, третиот том, „Жените и љубовта“ од 1987 година, во кој жените опишуваа емоционално незадоволство и чувство на потценетост во брачните врски, предизвика вистински медиумски линч. Хајт беше исмејувана во таблоидите и на телевизија, а нејзиниот приватен живот и изгледот станаа поважни од нејзините наоди. Во 1995 година се откажа од американското државјанство, стана германска државјанка и живееше во Европа сè до смртта во Лондон во септември 2020 година.

Денес нејзиното дело се чита како предвесник на многу дебати што феминизмот ги отвори подоцна, од разликите во сексуалното задоволство меѓу половите до правото на жените сами да ја дефинираат својата сексуалност. Нејзината важност се состои и во тоа што на жените им даде јазик, бидејќи многу читателки за првпат во книгата прочитаа дека не се единствени и дека она што го чувствуваат е нормално.


Прашањата што ги отвори Хајт и денес се табу во Македонија. Повлекувањето на сеопфатното сексуално образование од училиштата покажа колку е силен отпорот кон идејата младите да добиваат точни информации за телото, согласноста и односите. Педесет години по „Извештајот на Хајт“ се покажува дека разговорот за женската сексуалност не е само прашање на приватност, туку и на образование, здравје и еднаквост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс