Временска капсула од бронзеното време: Амфори со зачувана содржина извадени од морското дно

Археолошки тим извади над 30 керомички садови со органски остатоци од брод потонат пред повеќе од четири милениуми.
Фото: deviantart/Shipwrecked

Остатоци од трговски брод стар меѓу 4.400 и 4.700 години е откриена во близина на островот Кекова, во турската провинција Анталија. Бродот датира од раното бронзено доба, период кога се градела Големата пирамида во Гиза. Меѓународниот археолошки тим на длабочина од само 30 метри пронајде три големи камени сидра и над 30 зачувани амфори, во кои сè уште има видливи остатоци од античкиот товар.

Дрвената конструкција на бродот долг десет метри целосно исчезнала под дејство на морската вода. Без органско дрво, научниците не можеа да употребат радиојаглеродно датирање.

Наместо тоа, клучот за утврдување на периодот лежи во формата на садовите. Пронајдените амфори имаат карактеристично рамно дно, две рачки и испакнување на средината. Овој специфичен облик директно одговара на керамиката пронајдена во Египет и на Блискиот Исток од раното бронзено доба.

По извлекувањето на садовите на површина, стручните тимови започнаа процес на лабораториска конзервација. Прегледот на неколку целосно сочувани садови покажа неочекуван наод: густ, сјаен слој на материјал зафаќа значаен дел од нивната внатрешност.

Лабораториските анализи треба точно да утврдат дали станува збор за маслиново масло, вино или дрвена смола што служела за заштита на садовите. Големите керамички садови во антиката имале висока вредност и редовно се користеле повеќе пати, што дополнително ја усложнува хемиската идентификација на последниот превезуван товар.

Локацијата на остатоците укажува дека бродот пловел од источниот брег на Средоземното Море кон древната Троја или кон минојските населби на Крит. Силните струи и непредвидливите ветрови околу островот Кекова создавале опасни услови за античките морепловци, што го прави ова подрачје богата подводна ризница со стотици потонати пловила.

Зачуваните товари од овој период се исклучително ретки во светската археологија. За разлика од копнените наоѓалишта во регионот каде што керамиката најчесто се наоѓа во фрагменти, подводната средина зачувала цели садови кои директно ги документираат почетоците на организираната медитеранска трговија.


Нуркачките екипи работат на документирање на преостанатите предмети на подводната падина, каде што се евидентирани и трите масивни камени сидра што екипажот не успеал да ги спушти пред потонувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс