Роверот Perseverance на НАСА пронајде и спакува примерок од карпа со невообичаени шари во кратерот Језеро на Марс, кој научниците го опишуваат како прв потенцијален биолошки траг од древен живот на Црвената планета. Сепак, камениот цилиндар со големина на училишна креда останува херметички затворен во утробата на возилото, откако американската вселенска агенција го сопре и практично го откажа мултимилијардскиот план за негово враќање на Земјата поради огромни трошоци.
Научниот тим на мисијата го нарече примерокот „Сафирен кањон“ (Sapphire Canyon). Роверот го издупчи во јули 2024 година од поголема карпа со облик на врв од стрела, наречена Чејава Фолс (Cheyava Falls), лоцирана на работ од долината Неретва Валис.
Пред повеќе од три милијарди години низ оваа долина течеле реки што полнеле древно езеро. Карпата го привлече вниманието на истражувачите поради стотиците илјади светли дамки опкружени со темни прстени, структура позната како реакциони фронтови или редукциони дамки.
На Земјата ваквите белези редовно настануваат кога закопаната органска материја се распаѓа под дејство на микроорганизми. Како што објасни Адријан Броз од Универзитетот Пердју, станува збор за хемиска реакција што остава избледени дамки, па тимот за првпат регистрираше нешто што одговара на потенцијален биопотпис.
Самиот ровер вреден 2,4 милијарди долари нема лабораториска моќ да докаже дали дамките се резултат на микроби или на обични геохемиски процеси. Неговите сензори се направени за теренско скенирање и избор на највредните карпи, а не за финална микроскопска и изотопска верификација.
Научниците предупредуваат на лекцијата од марсовскиот метеорит Алан Хилс 84001, пронајден на Антарктикот во 1984 година. Тогаш научниот свет првично објави пронајдок на фосилизиран живот, за подоцна деталните анализи да покажат дека неоргански хемиски процеси можат да создадат речиси идентични органски структури на јаглерод. Затоа конечната пресуда за животот на Марс бара спектрометри и опрема што постојат само во лабораториите на Земјата.
Заедничкиот проект на НАСА и Европската вселенска агенција (ЕСА), наречен Mars Sample Return, требаше да испрати сонда, ракета и летало што ќе ги соберат капсулите од површината на Марс и ќе ги донесат на Земјата.
Првичната проценка предвидуваше враќање во 2031 година, но техничките измени и додадените хеликоптери за транспорт го поместија рокот кон 2033 година. Независните ревизии покажаа дека буџетот експлодираше до 11 милијарди долари, а датумот за слетување со примероците се одложи за 2040 година. Поради кратењето на средствата од Конгресот, НАСА го суспендираше проектот, а во буџетскиот предлог за 2026 година официјално соопшти дека го прекинува во оваа форма бидејќи трошоците се финансиски неодржливи. Во буџетот за 2027 година мисијата воопшто не се споменува.
Додека Вашингтон бара поевтина комерцијална алтернатива за собирање на запечатените туби, Пекинг ја подготвува сопствената мисија Тјанвен-3. Кина планира лансирање во 2028 година и враќање на примероци на Земјата околу 2031 година, потпирајќи се на искуството од успешната лунарна сонда Чанг’е-6.
Кинеската сонда нема да слета во кратерот Језеро каде што оперира американскиот ровер, туку ќе користи сопствена дупчалка за длабочина до два метри на друга древна водена локација. Доколку кинеската сонда успее прва да се врати, Пекинг ќе го земе приматот во анализата на марсовското тло, додека најперспективниот карпест доказ на НАСА за живот останува заглавен во правта на Марс.
