Младите ширум светот се соочуваат со сериозен пад на основните вештини, токму во период кога од нив се очекува да се снаоѓаат во свет во кој вештачката интелигенција станува дел од секојдневието. На ова предупредува Андреас Шлајхер, еден од највлијателните луѓе во глобалното образование и основач на тестирањето ПИСА на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР).
Резултатите од најновото тестирање, во кое учествувале 15-годишници од 91 земја, покажуваат дека постигнувањата по читање и математика достигнале рекордно ниско ниво во земјите на ОЕСР. ПИСА не проверува само дали учениците можат да запомнат информации. Тестирањето испитува дали тие знаат да ги применат знаењата по читање, математика и природни науки за решавање проблеми од реалниот живот.
Не е проблем само што знаат помалку, туку и како размислуваат
Според Шлајхер, особено загрижува тоа што младите не покажуваат само послаби вештини за читање, туку и намалена способност да споредуваат различни информации, да ги проверуваат нивните извори и критички да размислуваат за сложени текстови.
Токму овие способности стануваат уште поважни во ерата на вештачката интелигенција, бидејќи алатките со вештачка интелигенција можат да дадат одговор кој звучи уверливо, но не мора да биде точен. Затоа, вели Шлајхер, навиката да се проверува и потврдува информацијата станува неопходна.
Проблемот е што начинот на кој младите ја користат технологијата може да создаде спротивен ефект. Наместо да ги поттикнува да размислуваат, вештачката интелигенција може да го преземе токму тој дел од процесот.
Шлајхер ова го опишува како своеобразен маѓепсан круг: младите користат алатки кои не се создадени за да ги натераат да размислуваат подлабоко, а со тоа постепено ги ослабуваат токму способностите што им се потребни. И резултатите од ПИСА покажуваат интересна поврзаност, учениците кои не користат вештачка интелигенција имаат тенденција да постигнуваат подобри резултати.
„Не станувате физички подготвени гледајќи спорт“
Шлајхер прави едноставна споредба за да објасни зошто технологијата не може целосно да го замени процесот на учење. Како што човек не станува физички подготвен само со гледање спорт, така не учи само со консумирање готови информации.
Вистинското учење се случува кога ученикот активно работи со идеи ги споредува, поставува прашања, ги преиспитува и се обидува да дојде до сопствени заклучоци. Затоа, проблемот не е нужно во самата вештачка интелигенција, туку во начинот на кој се користи.
ОЕСР во својата проценка забележала дека насоченото и активно користење на вештачката интелигенција, при кое учениците мора да ги преиспитуваат и оспоруваат нејзините одговори, може да биде поврзано со подобри резултати во учењето. Наместо учениците само да бараат од технологијата да им го даде одговорот, идејата е таа да стане алатка што ќе ги натера да поставуваат подобри прашања и подлабоко да размислуваат.
„Луѓето отсекогаш биле подобри во измислувањето нови работи отколку во нивното мудро користење“, вели Шлајхер.
Малите земји покажуваат дека падот не е неизбежен
Резултатите од ПИСА покажуваат големи разлики меѓу европските образовни системи. Во седум земји членки на ЕУ учениците постигнале резултати значително над просекот на ОЕСР, додека во 13 земји резултатите биле значително под просекот. Најголеми падови се забележани во големи европски земји, меѓу кои Франција, Германија и Шпанија.
Но, Шлајхер посочува дека некои од најинтересните решенија доаѓаат од помали и динамични економии.
Еден од највпечатливите примери е Естонија. Нејзините ученици се најуспешни во Европа и се меѓу десетте најдобри во светот во сите три области што ги мери ПИСА. Според Шлајхер, Естонија покажува дека е можно внимателно, но продуктивно користење на дигиталните технологии во образованието.
На родителите не им требаат три часа домашна работа со децата
Покрај технологијата, Шлајхер како сериозен проблем го издвојува и намалениот интерес на родителите за образованието на нивните деца. Тој смета дека родителската поддршка не значи нужно родителот да поминува часови седејќи над домашните задачи. Многу поважно е детето да почувствува дека на родителот му е важно што учи и дека образованието има значење.
Според податоците што ги наведува, децата чии родители ги прашуваат како им поминал училишниот ден постигнуваат резултати кои одговараат на предност од околу две учебни години. Од друга страна, и улогата на наставникот мора да се промени. Наместо само пренесувач на информации, наставникот треба да биде ментор, тренер и човек кој ги познава учениците и им помага да откријат во што сакаат да се развиваат.
Тоа, сепак, е тешко да се постигне во услови кога голем број европски земји се соочуваат со недостиг на наставници. Затоа, според Шлајхер, образовните системи мора да им обезбедат на наставниците повеќе време за индивидуална работа со учениците.
Вештините што машините тешко можат да ги заменат
Шлајхер смета дека образованието треба постепено да се оддалечува од учењето вештини што лесно можат да се дигитализираат и повеќе да се насочи кон способности што се суштински човечки. Меѓу нив ги издвојува етичкото донесување одлуки, способноста за снаоѓање во сложени човечки односи, критичкото размислување и активното учество во процесот на учење.
Токму затоа, најголемиот предизвик за училиштата можеби не е како да ја внесат вештачката интелигенција во училниците, туку како да се погрижат таа да не го преземе размислувањето наместо учениците. Во време кога технологијата може да даде одговор за неколку секунди, највредната вештина можеби станува способноста да се застане и да се праша: „Дали овој одговор навистина е точен?“
Превземено од Еуроњуз