Поранешен гувернер обвинет за исчезнувањето на 43 студенти во Мексико

Поранешниот гувернер на Гереро, Анхел Агире, е обвинет за вмешаност во исчезнувањето на 43 студенти во Мексико во 2014 година. Судбината на 40 од нив сè уште е непозната.

Поранешниот гувернер на мексиканската сојузна држава Гереро, Анхел Агире, официјално е обвинет за вмешаност во исчезнувањето на 43 студенти во 2014 година – случај што стана симбол на насилството, организираниот криминал и неказнивоста во Мексико.

Агире, кој беше уапсен минатата недела, се товари за присилно исчезнување и попречување на правдата. Обвинителството тврди дека наредил уништување снимки од надзорни камери кои можеле да помогнат во расветлувањето на судбината на студентите од педагошкиот колеџ во Ајотзинапа.

Поранешниот гувернер останува во притвор

Судија оцени дека обвинителството доставило доволно докази за покренување постапка, а на Агире му е одреден притвор во строго обезбеден затвор каде што ќе го чека почетокот на судењето.

Неговиот адвокат Гиљермо Барадас ги отфрла обвинувањата и тврди дека постојат докази дека Агире бил на состанок на високо ниво во времето кога наводно му биле предадени спорните снимки.

Обвинението претставува еден од најзначајните поместувања во истрагата во последните години. Од 43 исчезнати студенти досега се идентификувани останките на само тројца, додека судбината на останатите 40 сè уште не е позната.

Што се случи со 43-те студенти?

Ноќта на 26 септември 2014 година, студентите од педагошкиот колеџ „Раул Исидро Бургос“ во Ајотзинапа презеле неколку автобуси во градот Игуала со намера да отпатуваат на протест во Мексико Сити.

Пред да го напуштат градот биле нападнати. Истрагите во текот на изминатите години укажаа на вмешаност на локална криминална група и полицијата, како и на улогата на други безбедносни структури. Се верува дека студентите подоцна биле убиени.

Истрагата откри и сериозни сомнежи за прикривање на случајот. Првичната официјална верзија ја насочуваше одговорноста кон криминалната група и локалната полиција, но подоцнежните истраги утврдија неправилности, вклучително и изнудени признанија и манипулирање со докази.

Семејствата и натаму ја бараат вистината

Повеќе од една деценија подоцна, семејствата на исчезнатите студенти продолжуваат да бараат целосно расветлување на случајот и одговорност за сите вмешани.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум вети дека истрагата ќе продолжи, а минатата година беше формирана и посебна истражна единица.

„Ќе го вложам целиот свој труд, сета енергија и сета своја волја за да дојдеме до вистината и правдата“, изјави Шејнбаум.

е-Трн да боцка во твојот инбокс