Search
Интервју со Никола Гелевски

29 години „Маргина“

Ми се свиѓа некаква иднина во која богати Македонци за по некој сочуван примерок на Маргина (тиражите секогаш биле малецки) ќе плаќаат десетици илјади евра (евра него како! со Македонија конечно во ЕУ).

„Маргина” е мултидисциплинарен часопис од сферата на културата, сфатена најшироко: и како политика, идеологија, морал, и како стандарди, трендови, “мода”… Првите неколку броја ќе бидат конципирани како тематски блокови…Ова е почетниот дел од воведот на најстарото алтернативно списание кај нас од сферата на културата и супкултурата кое постои од март 1994 година а деновиве имаше промоција на 95. број на фестивалот „Друга приказна“, во организација на издавачката куќа „Темплум“.

„Ги менувавме форматот (еднаш) и времето на излегување. Сега излегуваме еднаш годишно. Маргина последниве години најчесто ја поврзуваме со книжевниот фестивал Друга приказна, со неговите теми. Овогодишната тема на Маргина и на Друга приказна е попреченоста. Новиот број го промовиравме токму на завчера завршениот фестивал“, изјави Никола Гелевски, уредник на издавачката куќа Темплум под чие покровителство излегува ова списание.

Трн: Како еволуираше содржината и фокусот на вашето списание за култура од неговото основање во 1994 година, и што ги инспирираше тие промени?

Никола: Луди беа промените овие 30 години. Кој ги преживеал – се обидува да пелтечи, да го долови лудилото на војните во Југославија, на бескрајната македонска транзиција и изгубеност во просторот и времето (ко да патуваме низ црна дупка), на експлозијата на идентитетски игри и манипулации, на приватизирањето и криминализирањето на државите, на политиката која ја загуби секоја врска со одговорноста, на културата која ја губи својата смисла надвор од спектаклот, тривијализацијата и комерцијализацијата…

Трн: Во 2010 почнавте и со дигитализација на списанието, досега дали се дигитализирани сите броеви и што покажува искуството, дали се намали интересот за печатеното издание откако почнавте со дигитализација?

Никола: Дигитализиравме четириесетина броеви. Ги има на Окно.мк. Архивата е релативно скапа работа (особено во неорганизирани заедници каква што е нашава – каде што паметењето е последниот вагон, одамна откачен во ендек. Неверојатна е македонската (не)култура на (не)сеќавањето. Да сум директор на некаков меморијал (Народна библиотека и слично) би се самоубил, ко јапонски директор на железница кому еден воз му задоцнил пет минути. Овде целата временска констелација е урушена, траги речиси не постојат, не знаеме кои сме, кои сме биле, што се случува денес, какво ќе биде времето утре… Белки таков пичвајс заслужува бар едно харикири на некој одговорен или луд архивар.

Трн: Списанието покрива широк спектар на културни теми, од книги до музика и субкултура. Како останувате прилагодени на најновите трендови и новите културни движења?

Никола: Не се прилагодувам. Носам некакви трошки, ко мравка, ко птиче што во клунот носи пар капки за блискиот шумски пожар. Можеби и ко балегар што тркала некакви шарени гомненца. Но, ко што стареам, сфаќам: игриве се на многу подолг рок од нашите краткотрајни животи. Тоа согледување би требало да те направи ем посмерен ем поупорен, да истуркаш некакви сопствени каузи и вери. Ако не за денешните или утрешните тогаш барем за некои задутрешни.

Трн: Каква улога сметате дека вашето списание игра во создавање на културно наследство, особено со оглед на 29 годишното постоење?

Никола: „Културното наследство“ најчесто е културна конвенција, т.е. политичка конвенција. За мене џамлиите и ластикот (играта ластик) се врвно културно наследство, се разбира. Маргина од првата реченица го афирмира тој светоглед – заради тоа и се вика Маргина. Дал некој тој повеќедецениски труд ќе го прогласи за „културно наследство“ – совршено ми е сеедно. Ми се свиѓа некаква иднина во која богати Македонци за по некој сочуван примерок на Маргина (тиражите секогаш биле малецки) ќе плаќаат десетици илјади евра (евра него како! со Македонија конечно во ЕУ).

Трн: Со текот на годините, кои беа некои од највлијателните приказни или карактеристики што ги објави вашето списание?

Никола: Многу приказни има во Маргина, не можам да издвојам некои, т.е. не сакам сега во моментов да импровизирам со моето кревко и лажливо сеќавање. Ќе ви ги спомнам последните пет броеви, колку неупатените да имаат барем површна слика за концептите: Во 2018 Маргина ги одбележа 100-те години од Југославија и 75-те од АВНОЈ. Во 2019 почна врзувањето со книжевниот фестивал Друга приказна. Темата на бројот ја нарековме На маргините и се занимававме со регионалната книжевност. Во 2020 главна тема беше книжевноста за деца. Во 2021 темата се викаше: Збор и слика. Во 2022 во фокусот беа афоризмите; дел од содржините на таа Маргина 94 беше и една репрезентативна македонска антологија на афоризмите. Годинава тема е попреченоста; 260 страници текстови, главно теориски, и слики, за инвалидноста.

Трн: Дали би можеле да ја споделите вашата визија за иднината на вашето списание за култура и како планирате да се прилагодите на променливиот медиумски пејзаж?

Никола: Маргина е дел од мојата мала издавачка куќа Темплум. Ќе остане поврзана со книжевниот фестивал Друга приказна. Порталот Окно, кој настана како некаква електронска екстензија на Маргина, пред 15 години, исто така е дел од тој преплет. Во преплетите, или низ преплетите, ко низ јазли на гнила чипка или како низ кристална решетка – ја гледам иднината.

Фото: Небојша Гелевски

Најново

Последни колумни