Кога Фуминиори Цучико пристигна во источниот украински град Харков минатата година, тој рече дека сака да направи се што може за да им помогне на луѓето по руската инвазија. Трогнат од маките на жителите приморани поради руското гранатирање да се засолнат во станиците на метрото, 75-годишниот јапонски државјанин од Токио одлучил да остане во земјата.
Со месеци, како што вели тој, живеел во метро станица и работел како волонтер кој делел храна во метрото. Тој и еден Украинец што го сретнал во станицата сега отвориле бесплатно кафуле во населбата Салтивка во Харков – главно благодарение на, како што рече, донации од Јапонците преку социјалните мрежи.

„Јуни, јули, август, септември, октомври, ноември, декември – седум месеци останав во метро, под земја, спиев или јадев, заедно со многу, многу Украинци“, рече Цучико.
„FuMi Caffe“ опслужува околу 500 луѓе дневно, рече тој.
Цучико раскажува дека бил во посета на Украина како турист во февруари 2022 година, кога јапонската амбасада го повикала да замине додека Русија се подготвувала за инвазија. Тој отишол во полскиот главен град Варшава, но рече дека се вратил два месеци подоцна.

Една посетителка на кафулето, Ана Товстопјатова, извести дека дошла да даде донација. „Одлично е што има толку искрени луѓе со отворено срце и душа, кои го жртвуваат својот живот и време за да помогнат и да дадат надеж“, рече Товстопјатова. Харков се одбрани од руските сили, а украинските сили потоа ги истуркаа руските трупи назад кон границата. И покрај повлекувањето, руските напади врз градот продолжија.
Извор: Reuters