Search

Звучно загадување

Пред некое време на фејсбук објава која се однесуваше на бучавата од моторите кои лудо возат низ Скопје го прочитав следниов коментар. “Детето мое има аутизам, осетливо е на големи децибeли, па пола саат врискаше и не можеше да си дојде на себе! Одите бре надвор од град, во планина, оф-роуд, во пустелија, кај-год-сакате, ама не тероризирајте и вознемирувајте луѓе сред град.

Бидејќи во Скопјево очигледно нема полиција и закон да ви го скроти тоа его-сељачко самореализирање, ви се колнам, кој го видам да вози низ градов таков голем мотор со неандарталско брмчење, пријател или не – ќе ве најдам и пуздер ќе ви го направам моторот!“

Ваков тип на изјави среќавам се почесто, како на социјалните медиуми така и во разговори со мои пријатели и познаници. Уште повеќе што и лично сум сведок на енормно звучно загадување речиси во секој град во Македонија. Сум шетал многу низ светот, сум ги посетил речиси сите европски метрополи. Никаде, ама баш никаде нема таква бучава и гласна музика во ноќните часови како во Македонија. Струмица е еден од тие примери. Летниот период често ја посетувам. Моите родители живеат во центарот на градот каде на улицата која води кон градскиот парк има повеќе кафичи. Бројот на кафичите и не се проблем, туку гласната музика од која се тресат сите прозорци без никаква можност за спиење. Освен тоа ретко кој од овие кафичи го почитува законски одреденото работното време, па звучниот терор наместо до 12 часот или 1 часот по полноќ за време на викендите се продлжува до 2 а понекогаш и до 3 часот после полноќ. Може да замислите како изгледа животот на луѓето кои живеат на таа улица. Некои од нив се пензионери и болни луѓе и постојаната изложеност на прекумерна бучава може да биде и животно загрозувачко. Живеат и млади семејства со мали деца кои следниот ден мора да одат на работа или на училиште.

За влијанието на бучавата врз здравјето на луѓето се направени повеќе студии од страна на Институтот за јавно здравје и според нив најчесто како последица на зголеменото ниво на бучава се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност, оштетување на слухот, кардиоваскуларни проблеми и влијае на психофизичката состојба.

Исто така долготрајната изложеност на бучава во животната средина предизвикува сериозни здравствени проблеми кои може да бидат акутни, хронични и со долготрајни ризици. Бучавата предизвикува замор, слабеење на концентрацијата, губиток на волјата и расположение, а бучавата преку 110 децибели создава и пореметувања во центарот за рамнотежа. Кај некои пациенти се опишани пореметувања на ритамот на срцето и промени на електрокардиограмот. Исто така, можни се и пореметувања на крвниот притисок, односно негово покачување или намалување. Дополнително овие промени може да предизвикаат други клинички симптоми како несоница и кардиоваскуларни болести кои потоа, како последица, може да доведат до зголемување на стапките на предвремена смртност.

Во својот годишен извештај за квалитетот на животната средина за 2022 година, Министерството за животна средина и просторно планирање направило анализа за вредностите на бучавата во четири града: Скопје, Куманово, Битола и Кичево. Според добиените податоци главни причинители на бучава во животната средина се превозните средства во патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај и индустриските инсталации. Особено значајна и специфична за Македонија е бучавата од градежните активности, соседството и бучавата предизвикана од друга самостојна звучна опрема, како и бучавата од верските објекти.

Согласно обработените податоци од комунална бучава може да се заклучи дека сите четири града имаат високо ниво на бучава над дозволените вредности. Од четирите разгледувани градови, Куманово е град со најголемо загадување од бучава. Највисокото измерено максимално ниво на бучава во пролетниот период во Кичево изнесува 75 dB, што е за 15 dB над граничната вредност. Екстремно високо максимално ниво на бучава е измерено во пролетниот период во Куманово и изнесува 95,80 dB, што е за 35,80 dB над граничната вредност. Највисокото измерено максимално ниво на бучава во пролетниот период во Скопје изнесува 71 dB, што е за 11 dB над граничната вредност, додека во Битола изнесува 67,5 dB, што е за 7,5 dB над ГВ .

Не ни е доволно загадувањето на воздухот, водата и земјата, па еве за секој случај да се дозагадиме и звучно. Затоа апел до сите кои звучно не загадувате без оглед дали сте возачи на мотори, автомобили, или пак сопственици на кафичи и ноќни клубови, верски лица или сопственици на градежни фирми, бидете малку потивки и покажете грижа за здравјето на вашите сограѓани. Ако тие се посреќни и поздрави, верувајте и вие ќе бидете посреќни. А надлежните, аман почнете веќе да го спроведувате законот.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни