Search

Зошто не си го цениме нашето?

Денешната колумна ја започнувам со едноставно прашање, а комплициран одговор – Зошто не си го цениме нашето? Зошто мислиме дека туѓото е подобро, повредно, поквалитетно? За да објаснам ќе започнам од себе. Како писател во Македонија бескрајно сум им благодарна на читателите, но кога станува збор за бизнис (издавачки куќи), не можам ниту од далеку да ви објаснам колку поценети и поплатени се писателите кои ги преведуваме на македонски. И знам дека многумина од вас ќе го кажат истото она за кое пишувам овде – Каде ти ќе се рамниш со странски писател?! Тие се подобри.

Да бидам искрена сум прочитала многу книги од наши автори кои биле подобри од странските.

Ајде уште еден пример. Не многу одамна издавачка куќа од Србија побара превод на една од моите книги. Откако започнавме со преговори, истата таа издавачка куќа побара од мене како автор да ги подмирам трошоците за издавање на книгата кај нив. Значи превод, лектура и се останато на мој грб. Сумата за истото беше вртоглаво висока. Тогаш се слушнав со драга колешка и пријателка од Србија чии книги се преведени и продавани овде кај нас. Ја прашав, дали таа платила толкава сума за да ги продава овде нејзините книги. Изненадена ми рече – Апсолутно не! Тие ми платија мене.

Во Македонија ние пистателите си ги подмируваме трошоците за издавање на книгата, додека на странските писатели им се плаќа. Кога ќе видиш јас како македонски писател морам да плаќам и овде и надвор.

Ајде да не е само тој пример. Како стенд-ап комичар приметив дека картата на настап секогаш беше многу поскапа за стенд-ап комичар од регионот наспроти картата за наш изведувач овде од Македонија. „Ама од Србија доаѓа, мора да биде поскапо!“ Зошто поскапо? Трошоците за пат и сместување се покриени од спонзори, зошто поскапо? Затоа што е подобар? Од сам старт ние не си го цениме нашето. И најсмешното од се е што нашиот народ ќе плати поскапа карта за странците, додека за нашите изведувачи и минималниот износ ќе му е скап. И ајде ќе разберам доколку зборуваме за позната ѕвезда, уметник кој има постигнато многу и кој е познат. Но дури и кога станува збор за некој за кој прв пат слушате, а доаѓа да настапи кај нас, ситуацијата е иста.

Не можев да се изначудам како колега изведувач кој никој не го познава ниту слушнал за него во Македонија, доаѓа овде да настапи и добива цел час, додека јас добивам понуда да настапам заедно со него, но само 15 минути. За разликата во хонорар не сакам ни да зборувам. И ова навистина се случи. Па јас во цели 5 години настапи надвор ниту еднаш не бев поважна од нивните изведувачи или повеќе платена! Зошто? Дека нивните се подобри? Не. Затоа што надвор си го ценат нивното, ние овде мислиме дека туѓото е подобро.

И овој пример оди многу подалеку од книгите и стенд-ап. Ние плаќаме секогаш за странците, ретко кога за нашите. Без разлика дали е тоа книга, стенд-ап, претстава или концерт. Ние и во маркет ќе го купиме поскапиот странскиот производ, без разлика што истиот го произведува наша фирма и е поефтин. Не, ние веруваме дека странското е подобро и после се чудиме зошто ништо не оди напред. Ниту една земја не плука по своето колку што тоа ние го правиме овде. И проблем е. Затоа што ако сам не се сакаш и цениш, како да те сакаат и ценат другите? Ако своето не си го чуваме, цениме и почитуваме, како очекуваме некој од надвор да го цени и почитува?!

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни