Search

Животот не е театар, ама затоа театарот е живот

Трајанка Илиева Велиќ – Таци 15 години е актерка во Драмски театар Скопје. Таа е ќерка на познатиот актер Диме Илиев и на суфлерката Даница Илиева. Таци смета дека желбата, талентот и упорноста ја совладуваат секоја пречка. Во приватниот живот е сопруга на актерот Дарко Велиќ и мајка на две деца. Професионалната кариера ја започнала во 2006 година, кога дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности Скопје. За многумина таа го има еден од најмилозвучните гласови, препознатлив во бројни реклами. Сепак Таци вели дека е своја на своето кога е на театарската сцена.

Трн: Ако животот е театар, кој лик би го игралa до крајот на животот?

Таци: Ако животот е театар, до крајот на животот би го играла ликот-Таци, ха ха ха… Добро е што животот не е театар, но, театарот е живот. Живот кој сум одбрала да го живеам. Живот во кој можам да влезам во чевлите на секој еден лик, а на крајот на денот повторно да бидам јас, таа својата, Таци.

Трн: Татко ти е актер, мајка ти е суфлерка во театар, дали ти се роди како актерка?

Таци: Мислам дека секој се раѓа со некаков код, во кој има зацртано афинитет, талент кон нешто. Но, љубовта кон одредена професија, мечтаењето и волјата се тие кои те носат кон целта и те дефинираат во животот. Можеби тоа што сум одела често во театар како дете, тоа што сум имала прилика одблизу да ги запознаам глумците, фасцинацијата од нивната работа и од нив самите, како личности, се пресудни за изборот на мојата професија. Кога ќе ме прашаа, како е да се има татко глумец, секогаш го поставував прашањето, а како е да се нема, хахаа. Тоа било моето секојдневие и нормален начин на живот. Не се ни сеќавам дека некогаш сум мечтаела да бидам нешто друго.

Трн: Ако актерството се пренесува генетски, а ти и сопругот сте актери, ќе им дозволите ли на децата да „страдаат“ од оваа „наследна болест“?

Таци: Од нешто ќе „страдаат” и вака и така. И тоа „страдање” е добро ако навистина го одбрале за себе тоа без кое не би можеле. Моето „страдање” на ПМФ, беше од друга природа и не би сакала тоа да им се случи. Да тргнат по пат кој морале да го изберат, само поради забрана за нештото што вистински го сакаат. Но, кога желбата, потребата да станеш актер/ка се толку силни, сите препреки ќе се прескокнат. Тоа ти е како водата. Таа, секогаш ќе си го најде патот, макар еден тон камчиња ѝ се испречиле до целта.

Би ги поддржала за секоја една одлука која би ја донеле во животот, ако видам дека тоа е навистина нивен избор, па после тоа „страдањата” се слатки.

Трн: Ти и сопругот сте професионални актери, знаете ли по дома да си глумите театар?

Таци: Секогаш сум велела дека ние, актерите можеби сме единствената сорта, која нема потреба да глуми по дома. Потребата некогаш да си некој друг ја задоволуваме таму, на сцената. Но, ова не се однесува на фразата „глуми по дома”, затоа што ние ја сфаќаме суштината на глумата, а не во нејзиното преносно, злоупотребено значење.

Но еве за суштинското „глумење по дома”, сега со децата имаме нови искуства. Често знаеме јас и Дарко да сме некој лик од некоја басна, приказна… па да се заиграме со децата. Пред некој ден Ева, ќерка ми, предложи јас да сум била лошата кралица, а таа да била Снежана. Ѝ реков: мама, немој, тоа сум го играла во театар, нема да сакаш. По пет минути играње, ме запира и ми вели: Мамо, ај јас ќе сум кралицата, ти биди Снежана, вака малку ми е страв, ха ха ха…

Ете такви сме ние глумците, да ги оживееме ликовите мора да се внесеме целосно, кај нас нема до пола.

Трн: За актерите велат дека се ноќни птици, дали е така и кога си со семејество?

Таци: И јас и сопругот го сакаме ноќниот живот, но како родители на две малолетни деца, заборавивме на него. Мојот ноќен живот е сведен на некоја пијачка во нашето бифе по одиграна претстава или ако има некоја премиера, па ќе „украдеме” да останеме малку подолго дури баба ги чува децата. Ама проблемот е што сабајлето од 6:30 веќе ќе мора да сме на нога. Се случува да договориме со другари некое излегување, но тоа се случува многу ретко. Темпото кое го имам со децата, не ми дозволува вечерни излегувања.

Трн: Вистина ли е дека актерите не глумат, туку градат нов свет за да живеат во него преку ликот?

Таци: За мене тоа е единствената вистина. Тоа е правиот начин и само тоа може да донесе квалитет. Она другото, го викаме, шмира. Доколку актерот/ката не се внесе во ликот, не дозволи да помине низ него/неа, не го гради од почеток до крај, не верува во него и не најде начин да го оправда како таков, тогаш, како публиката би поверувала во ликот и светот што го гради тој лик! Сцената е место каде што нема лага, на неа сѐ се гледа. Сцената е најголемата лупа од која нема каде да се скриеш. Мора да си ти тој лик, мора да си издржан од почеток до крај за да се случи магија.

Трн: Во претставата „Мојот маж“ режирана од Нела Витошевиќ, според расказите на Румена Бужаровска, имаш лични исповеди…

Таци: Искуството од претставата „Мојот маж” е дијаметрално различно од сѐ што сум искусила до сега на сцената. Но, во овој случај мора да се издвои самиот процес на работа. Тоа беа три месеци со чувство на групна психотерапија. Не е едноставно да го изнесеш својот личен живот на сцена, но кога ќе ја почувствуваш конекцијата со публиката со твојата лична приказна, чувството е бесценето. Таа симбиоза ти прави да посакаш вечно да ја играш претставата, никогаш да не се тргне од репертоар.

Многумина по одгледаната претстава доаѓаат да го споделат нивното искуство поврзано со некое од нашите приказни и се со доза на олеснување, затоа што некој гласно проговорил за тоа што ги тишти, боли и за кое немаат храброст да зборуваат. Тоа што секој еден што дошол на „Мојот маж” и успеал да се препознае во најмалку една животна приказна само нѐ охрабрува и ни укажува на тоа дека изнесувањето на личните приказни е единствениот и вистински модул за успехот на претставата. Во 2 часа и 40 миннути сме сите ликови на Бужаровска и самите ние. Но, сите тие ликови се подеднакво живи, опипливи, ликови од крв и месо, со секојдневни приказни кои прават „Мојот маж” да биде најискрената претстава.

Трн: Ја памтиш првата театарска премиера по вработувањето?

Таци: Јас ја имав таа среќа брзо по дипломирањето да се вработам. Многу од колегите и тоа меѓу нив има страшно талентирани, чекаат на таква можност многу долго, некои дури повеќе и од 10 години. Така што вистина е дека лесно е да завршиш (кога веќе си се запишал на академија) во однос на тоа, да се вработиш. Тоа е тема, за која треба цело ново интервју…

Чувството по одиграната прва премиера во Драмски е чувство на исполнет сон. Но,тоа се случи година дена пред да се вработам. Тоа беше претставата „Ладало” во режија на Коле Ангеловски. Конечно, сето она кое како магнет ме привлекувало за Драмски, како: мирисот на театарот, сцената, глумците… овој пат ги доживеав од другата страна, од сцената.

Трн: Препознатлива си по косата со локни, дали си ја менувала според улогите на сцена?

Таци: Немам некој посебен однос кон мојата коса.Често сум менувала боја, должина, така што не би ми пречело тоа да го направам и за некој професионален ангажман. Напротив, баш поради тоа што цел живот имам виткана коса, често посакувам да е права. Сум пробала да ја исправам, но не било баш успешно. Малку влага и повторно е иста, ха ха ха… Многу често пробувам режисерите да ги убедам дека права коса би било одлично решение за некој лик, но најчесто слушам: нема шанси, вака ќе играш, со твојата, хахахах. До сега само во „Ждрело” и „Снежана” сум имала долга права перика.

Трн: 15 години си на штиците, филмското платно и бројни ТВ и радио проекти. Тука се и синхронизациите на серии. Каде си вистинската?

Таци: Најдрага ми е работата на сцена, со моите колеги. Таму сум своја, на своето.И најстрашно е кога не сум во процес.Тогаш за ништо немам ни волја, ни време. Кога работам на некоја нова претстава, успевам и со сите други обврски да излезам на крај.

Трн: За крај, ако не беше актерка?

Таци: Ако не бев актерка, ќе бев актер, ха ха ха…

Најново

Последни колумни