Search

Засолниште во времето

„Некој си лекар,д-р Г.(споменат е само со иницијали) од виенската геријатриска клиника во Wienerwald, почитувач на „Битлси“ си го уредил кабинетот во стилот на 60-тите. Нашол стар грамофон, закачил постери од бендот, познатиот „Сарџент пепер“… Од бувјак купил стар орман и наредил внатре секакви џинџурии од шеесеттите – сапуни, кутии од цигари, серија минијатурни фолксваген буби, розови кадилаци и мустанзи, плакати од филмови, актери. Пишуваше дека бирото му било претрупано со стари списанија, а самиот тој седел облечен во поло маица под белата престилка. Фотографија се разбира, немаше, целиот материјал беше од околу триесетина редови, збутан во долниот лев агол. Веста се состоеше во тоа што лекарот забележал дека пациентите со проблеми со помнењето се заседувале подолго во неговиот кабинет, станувале поразговорливи, со други зборови, се чувствувале покомотно. И значително се намалиле честите обиди за бегство од таа инаку реномирана клиника.“ (Г.Господинов, Засолниште од времето, ИЛИ-ИЛИ, 2021)

Се сеќавам на една аудио касета што верглаше на детските родендени на крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите. Сите песни ми се допаѓаа но, имаше една што особено ме допираше, да не речам дека ја чувствував со целото тело и на неа реагирав со благо навлажнети очи и насмевка од која помалку се срамев. И сега кога ја слушам таа песна се чувствувам убаво затекната и со задоволство ја потпевнувам со истиот израз на лице и пламенчето во стомак што грее и влева надеж.

Ferry Cross the Mersey на британската бит група Gerry and the Pacemakers имала отсекогаш мистериозно привлечна моќ и сум се прашувала зошто толку ме опседнала некоја песна создадена и издадена во 1965 година кога не сум ни била родена. Со оглед на тоа што долго време од мојот живот поминав во радио и низ неброени имиња на музичари, бендови, албуми, синглови и компилации, жанрови и сите нивни понатамошни еманации, одамна одлучив дека јас не можам да имам ниту омилен бенд, ниту омилена песна, ниту пак омилена декада кога станува збор за музика.

Растев во време кога беше возможно да преснимуваме од касета на касета или од радио и на тој начин ги имавме сите декади на снимената музика во едно, по наша желба и редослед; плејлисти многу често накитени со џинглови од радиото.

Јас и брат ми имавме една црна пластична кутија таканаречена касетофон или пак музички систем – со две глави за касета, радио tuner, грамофон и два звучника кои се поврзуваа со тенки кабли за коишто имаше влез/излез на задната страна од куќиштето. Никако да се сетам на марката но, магијата на оваа кутија се состоеше во тоа што можевме да премотуваме напред-назад и всушност да си играме со времето – песна, бескрајна репетиција на кратко време од околу 2.41 минути што отвара цел нов свет во којшто може да се влезе одново и одново и во секое време. Музиката всушност не е возможна без време и за мојата генерација таа беше своевидна врата во новиот начин на неговото поимање и доживување.

Јас сум исто така ВХС генерација. Се сеќавам дека имав грижа на совест секогаш кога ќе ја вратев изнајмената касета со некој филм непремотана. Тоа значеше дека следниот што ќе ја изнајми ќе треба сам да го враќа времето-лентата за да може филмот одново да почне. Изнајмувањето филмови на ВХС беше популарна култура исто како и изнајмувањето книга од библиотека. Сите се допиравме едни со други без да знаеме. Снимената песна или снимениот филм секогаш имаат време кое ние го враќавме, го забрзувавме или го репродуциравме за некое другарче од соседството што сѐ уште немаше музичка кутија тоест временска машина. Споделувањето и размената на касети(подоцна цд-а), книги, музички списанија и стрипови, беше жива и плодна размена и причина за долгогодишни цврсти пријателства и столб на некакво заедништво и засолниште од сеништата што демнеа во воздухот непосредно пред војната во СФРЈ.

Беше потребно време за да признаам дека најголемо влијание во мојот живот имала сепак британската сцена, веројатно типично за Скопје во рамките на тогаш и тоа како напредната и отворена Југославија. Па, така како и милиони луѓе ширум светот јас сум дете и на мајка ми и татко ми но, и на Битлси. Ако подоцна во животот знаев без размислување како од пушка да речам дека не сум Oasis туку Blur, The Beatles и Gerry and the Pacemaker никако не можам да ги расчленам со такво адолесцентно взаемно исклучување веројатно затоа што тие во мојот живот биле силно ехо на времињата кои се одамна поминати низ минското поле на календарот на шеесеттите. Гласот на Гери Марсден ѕвони често во мојата глава како игрив скокотлив часовник што ме повикува да се засолнам во тоа парче темпус што ми влева надеж како непресушен извор.

Овој бенд е особено важен во историјата на популарната музика и потекнува од Merseybeat (Beat Music, British Beat) сцената што ќе настане на крајот на педесеттите и почекот на шеесеттите години во Ливерпул од кадешто потекнуваат и Битлси, со коишто Гери и неговиот бенд ќе ги делат важните луѓе  како што се менаџерот Brian Epstein и снимателот George Martin. Песната во којашто и до ден денешен наоѓам засолниште го опева животот на обичните луѓе на бреговите на реката Мерси, од старо-англиски “гранична река“, помеѓу кралствата Мерсиа и Северна Умбрија. Гери пее за траект што ја преминува таа гранична река каде што: People around every corner, seem to smile and say, we don‘t care what your name is, boy We ll never turn you away….

На бреговите на Вардар им е потребна една ваква песна, што ќе влева надеж дека сите се подеднкаво добредојдени и легитимни во градот. Да биде место кадешто сакаш да останеш и кадешто контрапарадите и надменоста на трулата буржоазија се црно минато.  Но, како е да се расте во Скопје ако сте родени во деведесеттите?

„На некој начин е многу невротично да се родиш на Балканот во 90-тите. Да пораснеш во регион растргнат од војна, сиромаштија, емиграција, (лошо извршена) приватизација и постојан растечки јаз меѓу обичните луѓе и оние малкуте перверзно богати. Да се образуваш и социјализираш во општества кои се обидуваат да ја фабрикуваат националната историја и да ги избришат сите можни траги од социјалистичкото минато. Минатото, сепак, тешко се брише. Па така, мојата генерација мораше да изгради идентитет имајќи ја предвид силната промена во идеологиите: да слуша за солидарност, но да сведочи алчност; да чита за братство и единство, но да бега од војни – сето тоа додека сме седнати во мебел направен во Југославија, во фабрики кои ќе бидат оставени да банкротираат во годините што доаѓаат.“

Калиа Димитрова,  Југофеминизам: наследство и имагинација, meduza.mk

Генерацијата на Калиа е истрауматизирана од наметнатите еднострани и стеснувачки и угнетувачки идентитeти на независна Република Македонија. Ако на помладите им префрламе за користење воопшто на зборот идентитет, би било крајно неуко и игнорантно. На тие генерации им се наметнуваше пред сѐ национален идентитет преку образованието и јавните гласила и во потесниот круг на семејство(сардисани од сите страни), што секогаш се стремел да биде обвиткан околу црвстиот православен жезол како змија. Што би рекол Мирко Попов „Се плашам од Македонци“, јас би посакала сите што се родиле тука да можат да кажат: И ние сме Македонци!. Ова не смее да биде ограничено на вероисповест, мајчин јазик, сексуална ориентација и етничка припадност.

На генерациите родени на почетокот на веков им е уште потешко затоа што ним им се остава оскуден и отровен избор да се одлучат помеѓу навидум два огна, да се повлекуваат и радикализраат во трла исплашени луѓе и да бараат утеха во етничката припадност или исклученост, и религијата што кај нас за жал е далеку од христијанските темели и се јаде себеси во средновековно суеверие и беснило. Младите како никогаш досега не биле поделени: на безбожни и божји чеда, што во секој момент можат да станат мигранти, додека образовниот систем и медиумите ги толчат и ги отуѓуваат со својата тромавост и токсичност и не им дозволуваат да бидат содржајно присутни во реалноста на нивното време, како да се заложници.

Скопје, градот на солидарноста што ќе биде скоро комплетно уништен во земјотресот(1963), не смее да заборави дека целиот свет од различна вероисповест и култура донираше за неговата повторна изградба. Скопје треба да биде засолниште за различностите и место за коегзистирање.

Неговиот аудио пејсаж е контаминиран од насилничкото озвучување на верските објекти што го завиваат градот во црно, неговиот релјеф се менува преку ноќ безуздано и криминално а, градската власт облечена во црна мантија коси се пред себе и ги кочи културните процеси што претставуваат крвоток на животот во градот.  И тоа како ни е потребно виножито, љубов и уметност што интегрира.

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни