Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, денеска, по пласманот во осмина-финалето на Австралија опен, својата победа ѝ ја посвети на Соња Поњавиќ, студентката којашто вчера беше тешко повредена во Белград.
За потсетување, тенисерот на крајот на минатата година, по трагедијата во Нови Сад, ги поддржа и студентите во борбата за правда.
Инаку, Соња Поњавиќ, студентка во прва година на Правниот факултет, вчера беше повредена во центарот на Белград кога возач влета во група студенти додека тие одржаа 15-минутно молчење во чест на загинатите во падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад. На страотното видео се гледа како девојката е на покривот од автомобилот, чиј возач продолжи да се движи носејќи ја триесетина метри, а потоа падна на улицата.
Полицијата соопшти дека, иако првично возачот избегал, потоа успеала да го најде и да го легитимирала возачот М. П. (38), кој е осомничен дека вчера околу пладне со автомобил „форд фокус“ удрил во 20-годишна жена. Според некои информации, возачот веќе има полициско досие, а сега може да биде осуден за тешко убиство во обид, пренесуваат медиумите.