Search

Работна недела со четири дена за работниците е здравје, среќа и пари

Според работниците кои биле вклучени во истражувањето придобивките се: помал стрес, подобро ментално здравје, помалку негативност, повеќе време за вежбање и полесно спиење.

Работодавците и работниците ширум светот сфаќаат дека придобивките од работењето четири дена во неделата се многу повеќе од само помала исцрпеност кај работникот. Од бизнис секторот велат дека гледаат подобрена продуктивност, морал и тимска култура, додека поединците „жнеат“ придобивки за нивното здравје, финансии и комуникациски односи.

Тоа се резултатите од шестмесечното експериментално истражување во Обединетото Кралство, спроведено од непрофитната организација 4 Day Week Global и независната истражувачка организација Autonomy, во која беа вклучени речиси 3.000 работници од 61 компанија. Истражувањето траеше од јуни до декември 2022 година и со тоа стана најголемиот експеримент во светот каде се примени четири дневна работна недела.

Експериментот е правен по модел 100-80-100. Тоа значи дека работникот во целост ќе си ја добива платата, но ангажманот за кој е вработен да го испорача во целост според неделните рокови, но за пократко време, односно за четири дена.

4 Day Week Global и Autonomy го промовира експериментот како голем успех. 92% од компаниите кои биле вклучени во истражувањето се изјасниле дека трајно продолжуваат со четири дневната работна недела. Компаниите дошле до заклучоци дека на тој начин се задржува деловната способност и продуктивност кај вработените.

90% од вработените пак рекле дека дефинитивно сакаат да продолжат со четири дневна работна недела, 55% пријавиле зголемување на нивната способност за работа, а 15% рекле дека ниту една сума пари нема да ги натера да се вратат на пет дневниот распоред за работа.

Користење на дополнително време за здрави навики

Намалениот работен стрес и дополнителното слободно време резултираат со повеќе здравствени придобивки, но и ја подобруваат благосостојбата. Според работниците кои биле вклучени во истражувањето придобивките се: помал стрес, подобро ментално здравје, помалку негативност, повеќе време за вежбање и полесно спиење.

Резултатите укажуваат дека работниците, со поголема контрола врз своето време, го трошат на позитивни работи како дружење и во кругот на семејството. Скратената работна недела може да доведе до подобра родова еднаквост во работата во домаќинството.

4 Day Week Global забележува дека наодите се конзистентни во различни групи примероци: мажи наспроти жени, мали наспроти големи компании и генерално низ индустрии. Сепак поентирале дека кај жените подоминантна е продуктивноста и позитивната енергија, додека кај мажите тоа резултира со повеќе поминато време со децата во кругот на семејството.

„4 дневната работна недела едноставно ве прави среќни“

Тајлер Гранџ, консултантска компанија за животна средина со седиште во Велика Британија, е еден од работодавците кој одлучи да ја задржи четири дневната недела како постојан систем на работење. Менаџментот кажал дека четири години се подготвувале за таквото темпо на работа (и инвестирале во нова технологија за да го остварат тоа) и ги забрзале плановите за да биде дел од 4 Day Week Global.

Тоа е добро за бизнисот, велат од компанијата: Продуктивноста се зголеми за 22%, апликациите за работа се зголемени за 88%, отсуството од работа е намалено за 66%, а вработените се помалку уморни и посреќни.

Овој потег им помага на работниците да се чувствуваат повеќе поврзани со компанијата и едни со други. Тајлер Гранџ работи во хибридна средина, но скратената работна недела ги мотивира вработените да одат во канцеларија за да го надоместат изгубеното време за дружење со колегите. Некои го користат слободниот петок за да се дружат со соработниците надвор од работното место или да поминуваат време во волонтирање со партнерски добротворни организации.

Работниците заштедуваат пари на бензин, превоз, ручеци и имаат помалку еден ден да платат во градинка или на дадилка.

Претходно 4 Day Week Global реализираше уште еден шестмесечен пробен период низ САД и Ирска во 2022 година, со што нивниот вкупен број на пилот учесници е 91 компанија и околу 3.500 вработени.

Извор: cnbc.com

Најново

Последни колумни