Војската направи пуч во Нигер, затворени границите на државата

Армијата во западноафриканската држава Нигер на националната телевизија објави дека извршила државен удар. Тие се изјаснија дека го распуштиле уставот, ги суспендирале сите институции и ги затвориле границите на државата.

Претседателот на Нигер, Мохамед Базума, е задржан во палатата во главниот град Ниамеј од претседателските гардисти, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално грабање моќ во Западна Африка.

Африканската унија и западноафриканскиот регионален блок ECOWAS го осудија, како што го нарекоа обидот за државен удар, повикувајќи ги бунтовниците да го ослободат Базум и да се вратат во нивните касарни.

САД повикаа на ослободување на претседателот , а Европската Унија, Обединетите нации, Франција и други држави го осудија бунтот и рекоа дека загрижено ги следата случувањата во земјата.

Во телевизиско обраќање во средата, полковникот Амаду Абдрамане, заедно со девет други униформирани војници зад него, рече: „Ние, одбранбените и безбедносните сили… одлучивме да ставиме крај на режимот како што го знаете.“

„Причина за тоа е континуираното влошување на безбедносната состојба и лошата економско-социјална состојба.“

Тој рече и дека сите институции во државата се суспендирани и дека раководителите на министерствата ќе се грижат за секојдневните работи.

„Се бара од сите надворешни партнерски земји да не се мешаат“, продолжи тој. „Копнените и воздушните граници се затворени додека не се стабилизира ситуацијата.“

Тој додаде дека ноќниот полициски час ќе важи од 22:00 до 05:00 часот до понатамошно известување. Полковникот Абдрамане рече дека војниците дејствувале во име на Националниот совет за заштита на татковината (CNSP).

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го условува продолжувањето на помошта за Нигер со зачувување на демократијата во таа африканска земја, соопшти Стејт департментот.

„Силно економско и безбедносно партнерство меѓу Соединетите држави и Нигер зависи од зачувувањето на демократијата и почитувањето на владеењето на правото и човековите права“, рече Блинкен во телефонскиот разговор со претседателот на Нигер Мохамед Базум, кој беше приведен од членовите на претседателската гарда.

Претседателот на Нигер, Мохамед Базум – Фото: AFP

Вашингтон „го осудува обидот за насилно преземање на власта и уривање на уставниот поредок“, додаде американскиот државен секретар.

Антони Блинкен, исто така, ја нагласи „силната поддршка“ на Вашингтон за „претседателот Мохамед Базум и демократијата во Нигер“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш „најостро ја осудува неуставната промена на власта“ во Нигер, изјави неговиот портпарол, откако армијата објави дека го соборила претседателот Мохамед Базум.

Портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик, рече дека генералниот секретар на ОН е „длабоко загрижен“ од приведувањето на претседателот Базум од страна на членовите на претседателската гарда.

„Генералниот секретар повикува на итен прекин на секоја акција што ги поткопува демократските принципи во Нигер“, додаде Дужарик.

Нигер, чија историја е обележана со државни удари, е еден од последните сојузници на западните земји во регионот Сахел уништен од џихадистичкото насилство и чии две соседни земји, Мали и Буркина Фасо, каде војската е на власт по пучот, се свртеа кон други партнери, вклучувајќи ја и Русија.

Во Мали, пак, тешко вооружените руски платеници на Вагнер му помагаат на воениот режим во борбата против џихадистичките бунтовници. Ситуацијата во Нигер сега станува една од главните теми на Западот поради активноста и нестабилноста на Вагнер во регионот Сахел.

Претседателот Владимир Путин, кој сака да го прошири руското влијание во Африка, денеска ќе биде домаќин на африканските лидери во Санкт Петербург.

Економската заедница на Западна Африка (ECOWAS) соопшти дека „остро го осудува обидот да се преземе власта со сила“ во Нигер.

Во име на ECOWAS, претседателот на Бенин, Патрис Талон, пристигна во главниот град Ниамеј во мировна мисија. Талон рече дека ќе бидат искористени сите средства, доколку е потребно, за да се врати уставниот поредок во Нигер, но идеално е се да се направи мирно и хармонично.

Претходно во средата, толпата во Нијамеј излезе на улиците во знак на поддршка на Базум. Репортерот на Би-Би-Си, исто така, видел силно вооружени сили лојални на претседателот стационирани околу националното радио и телевизија.

Градот беше главно мирен, иако војниците кои го извршија пучот пукаа за да ги разбијат протестите.

Нигер се бори со два исламистички бунтови – едниот на југозапад кој се појави од Мали во 2015 година, а другиот на југоисток во кој беа вклучени џихадисти со седиште во североисточна Нигерија.

Милитантните групи поврзани со Ал Каеда и Исламската држава се активни во оваа африканска земја.

Претседателот Базум, кој беше демократски избран во 2021 година, е близок сојузник на Франција и другите западни земји.

Нигер доживеа четири државни удари од независноста од Франција во 1960 година, како и бројни други обиди за пуч.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс