Германија гради најголема армија, а Европа го удвои воениот буџет за само десет години

Воените трошоци на европските членки на НАТО пораснаа побрзо отколку во 1953 година, а Шпанија за прв пат од деведесеттите го достигна прагот од 2% од БДП.

Европа потроши 739 милијарди евра на одбрана во 2025 година, зголемување од 14% и двојно повеќе отколку пред десет години, покажуваат новите податоци на Стокхолмскиот институт за мировни истражувања (SIPRI). Германија, со 97 милијарди евра и раст од 24%, го надмина Обединетото Кралство и стана најголем европски инвеститор во одбрана, со цел да изгради најсилна конвенционална армија на континентот.

Германија ја надминува Британија по прв пат од Втората светска војна

Со 97 милијарди евра вложени во одбрана во 2025 година, Германија го направи она што до неодамна звучеше невозможно: ја надмина Британија и стана најголем воен потрошувач во Европа. Скокот од 24% за само една година не е рутинско буџетско прилагодување, туку знак дека Берлин сериозно ја сфатил поруката на Вашингтон дека американскиот безбедносен чадор повеќе не е гаранција.

Бундесвер се врати во НАТО со сериозни намери

Германската армија е во средиште на 153 крупни воени проекти истовремено: нови борбени авиони, противавионски тенкови, ракетни системи, подморници, па дури и ласерска одбрана во вселената. Земја која по 1945 година децении го градеше идентитетот врз пацифизам и воздржаност, сега со полно членување во НАТО и со забрзан темпо расчистува со таа традиција. Целта, јасно формулирана, е Бундесвер да стане „најсилна конвенционална воена сила во Европа”.

Шпанија почна подоцна, но ги стигнува другите

Ако Германија е примерот за трансформација, Шпанија е примерот за доцна будење. Мадрид со децении беше меѓу најгласните членки на НАТО по изјави и меѓу најтивките по трошење. Дури оваа година, со раст од 50%, Шпанија за прв пат од деведесеттите го достигна прагот од 2% од БДП, кој НАТО го бараше уште пред триесет години. Италија, со раст од 20%, е речиси изедначена со Израел по воени трошоци, што само по себе кажува доволно за тоа каде се движи приоритетот на европските влади.

Кој навистина се подготвува, а кој само говори

Бројките во апсолутна вредност ја кажуваат само половината од приказната. Кога воените трошоци се мерат како удел во националниот БДП, се открива кој навистина живее во чувство на закана. Без исклучок, земјите кои трошат највисок процент се оние кои граничат со Русија: Полска на прво место, потоа Латвија, Естонија, Норвешка. На спротивниот крај се Исланд, Ирска и Швајцарија, земји кои сè уште си дозволуваат луксуз на безбедносна наивност.

Русија избира количина наместо квалитет, во Украина го троши и едното и другото

На другата страна на фронтот, Русија ја прилагодува стратегијата кон реалноста на долга, исцрпувачка војна. Наместо скапа прецизна опрема, Москва набавува поголеми количини поевтино вооружување, со цел да ги надвладее украинските сили преку бројност. Санкциите го отежнуваат планирањето, но засега не го запираат трошењето. Вашингтон, пак, ги намали вкупните воени расходи бидејќи Конгресот не одобри нова помош за Украина во 2025 година. И покрај тоа, САД сè уште сочинуваат третина од вкупното светско воено трошење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни