Search

ВИКЕНД НА ГОРДОСТА – СКОПЈЕ 2023

Eдинаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје, ќе се одржи од 1 до 13 јуни на три локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП Центар-Јадро.

Викендот на гордоста е Фестивал за квир култура, уметност и теорија што создава простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.

Тематскиот фокус на фестивалот оваа година е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ги адресираме во ова издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Во посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето.

Фестивалот се отвора на 1 јуни во 20:30 часот во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот полски интердисциплинарен уметник Карол Раѓишевски. Раѓишевски е познат по неговата уметничка практика која вклучува уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинирањето на факти со фантазија, компонирањето на документи од парчиња сеќавање и прикажувањето на неочекувани алтернативни траги на сеќавањата.

Следниот ден, на 2 јуни во МСУ ќе се одржи најновиот перформанс „Осуденик“ (GONER) на едно од најатрактивните имиња во современата кореографска и танцова практика Малик Нашад Шарпе (UK) познат како Marikiscrycrycry. На 3 јуни во МКЦ на наше огромно задоволство кореографката и перформанс уметница со чилеанско и шведско потекло Ширли Харти Убила ќе го изведе делото „Абјектот на желбата“ (Abject of Desire), а на 4 јуни во МСУ познатата философка, теоретичарка и уметница Марина Гржиниќ (SL) ќе го одржи предавањето „ПАНКОТ и поранешната југословенска ЛГБТКИА+ заедница во Словенија и пошироко: Распетлувањето на сексот и политиката во расниот капитализам“.

Јован Јосифовски на 8 јуни ќе има отворање на неговата самостојна изложба „Еластично насилство“ во КСП „Центар – Јадро“, додека на 9 јуни во МСУ фантастичното трио STEAM ROOM во состав на Александар Георгиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас ќе го изведат танцовиот и кореографски концепт за вечноста, нивниот последен дел од кореографската трилогија dragON – dragON forever. Фестивалот се затвора на 13 јуни во МКЦ со омилените Румена Бужаровска и Ана Василева од ПичПрич кои ќе ја модерираат Вечерта на раскажување на квир приказни – СРАМОТА!, по што ќе следува диџеј сет на Ивана Драгшиќ.

Најново

Последни колумни