Тројца алпинисти, меѓу кои и еден странски државјанин, загинаа, а осум други се водат како исчезнати откако лавина погоди експедиција на хималајски врв во Непал, соопшти денес полицијата.
Пет странски државјани се меѓу исчезнатите на планината Јалунг Ри Химал, која се издига на 5.630 метри надморска височина во округот Долака, североисточно од Катманду, изјави за Ројтерс полицаецот Гјан Кумар Махато. Националноста на загинатите и исчезнатите странци сè уште не е позната.
Четворица повредени алпинисти се префрлени во блиското село, а потрагата по исчезнатите, во која учествуваат и хеликоптери, сè уште е во тек, додаде Махато. „Исто така, испративме спасувачки екипи на армијата и полицијата на местото на настанот и очекуваме понатамошен развој на настаните“, рече тој.
Планината Јалунг Ри се наоѓа во долината Ролвалинг во североисточен Непал, а алпинистите таму се соочуваат со предизвикувачки услови што вклучуваат карпи, мраз и снег.