Search

Трн на печење ракија со Марио од Пехчево

Во срцето на Малешевијата, на крајниот исток на Македонија веќе мириса и тоа како на есен. Од дворовите се шират ароми на разно разни зимници, домашни специјалитети, но и се пече сливова ракија.

„Ова се последните казани за оваа година“, вели Марио Јангелов од Пехчево кој му помага на татко му при печењето на ракијата.


Иако е само дете, Марио е одличен познавач на процесот на печење ракија. Додека го проверува огнот на казанот ни објаснува дека сливите од кои ја печат ракија ги собираат од нивниот овоштарник во Спиково. Тоа е целосно иселено село на само неколку километри од градот.

„За да направите добра ракија мора да имате и добри сливи. Сливите од кои јас и татко ми ја печеме ракијата се т.н модри сливи. Кога ќе созреат, односно ќе почнат сами да паѓаат од дрвото се собираат и се складираат во големи буриња. Така стојат додека не ферменираат, односно не станат комиње. Кога смесата ќе зоврие, во зависност од временските услови, време е за печење ракија“, ни објаснува младиот Јангелов, верен чувар на македонската традиција.

Огнот под казанот мора да биде тивок и умерен, а млазот на ракијата исти во континуитет, вели младиот Јангелов. Ни појаснува дека квалитетот на ракијата зависи и од шеќерноста на сливите т.е комините. Но за да се извади максимумот ракијата мора и да се препече.

Но како велат, ракија на „голо“ не иде. Пред да ја пробаме ракијата која Марио и татко му Влатко ја печат стигна и мезето. Домашниот ајвар со белото овчо сирење само го дополнија вкусот на тазе испечениот зелник на фурна на дрва.

На екипата на Трн Марио и сипува ракија во чоканчиња, а таа поради својата јачина веќе формира венец. Колку подолго стои венецот (меурчиња во круг) толку појака е ракијата, а онаа на семејството Јангелови е околу педесет степени. Иако есенското сонце наѕира во Пехчево некако е студено, но ракијата и тоа како топли со секоја една голтка. Некој од соседите кои помагаат повеќе во дегустацијата отколку во печењето, на шега ни рече:

„Во Малешевијата, односно во Пехчево сливовата ракија се користи за се, од пијалак до лек. Овде нема настинка“.

Времето течеше, а Марио не размрда на момент најавувајќи ни дека е време за поставување на нова тура, односно полнење на уште еден казан. Не можевме, а да не помогнеме. Ги земавме кофите, од бурињата со комиње полниме во казанот, а додадовме и вода за да не загори. Во меѓувреме Марио направи смеса од сточни трици и вода со кои се запечатува казанот, лулата и кондензаторот, како пареата не би бегала и би се кондензирала во ракија. Огнот тивко гори, а за некое време ќе протече и првата ракија од новиот казан.

Полека, но сигурно сонцето веќе заоѓаше, а студот се повеќе се чувствуваше. Не можевме уште многу да останеме, не чекаше пат за назад кон Скопје. Да ги сумираме впечатоците преточувајќи ги во репортажа за печењето ракија во семејството Јангелови од Пехчево.

Топло ни е на душата има кој да ни ја чува традицијата.

Најново

Последни колумни