Search

Ликвидацијата на учениците од Белград наликува како на матрица од филм

Страшна трагедија се случи среда утрото во 8 часот и 40 минути во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, Белград, кога 13-годишно момче пукаше и уби осум деца и еден чувар, додека шест деца и еден наставник се ранети и во моментов се лекуваат во Ургентниот центар и Тиршова.

„Мотивот не можевме да го дознаеме, бидејќи се работи за дете. Не можевме да знаеме дека некое дете од нашето опкружување може да направи толку одвратна и болна работа. Она што го дознавме е дека тој бил игнориран. Тој беше игнориран и исфрлен од општеството. Тоа го навело преку некои негови мисли и постапки да го стори ова“, изјави началникот на полициската управа за град Белград, Веселин Милиќ, гостувајќи во РТС.

Милиќ рече дека кога момчето повикало полиција, рекол дека е „психопат кој треба да се смири“. Тој посочува дека Кецмановиќ потврдил дека молотовите коктели сам ги направил, со намера да изгради одбранбен ѕид околу училиштето.

„Имал четири молотови коктели и два пиштоли. Според неговата изјава, сам ги направил и немал ниту намера ниту желба со тие молотови коктели да запали некое дете, туку како што рече, да изгради одбранбен ѕид на влезот во училиштето за да не може да дојде полиција и пружи помош, бидејќи би имале одредена пречка и барикада до влезот, кога би можел да ја извади рамката од пиштолот и да ја стави на подот“, истакнува Милиќ.

Со детален план, подготвуван еден месец!

Момчето од куќата одзело ЦЗ99 со три шаржери и четири молотови коктели. Влегол во училиштето и најпрвин се скарал со чуварот по што пукал во него од 14 метри далечина и го убил. Својот крвав поход го продолжил низ ходникот каде застрелал три девојчиња. Потоа, влегол во училницата по историја и стрелал во наставничката и во учениците. Кај него е пронајден и пиштол од мал калибар по апсењето.

Децата кои беа сведоци на масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ и нивните родители не можат да се соземат од ужасот што го доживеаја по масакрот што се случи во нивното училиште, пренесуваат медиумите во соседството.

Мајката на една ученичка кој успеала да побегне неповредена вели дека нејзината ќерка и рекла дека погледот на напаѓачот бил „замрзнат“ и дека никогаш не видела нешто слично.

„Се тресеше, ми рече дека не трепнал, дека гледал во една точка, со празен, замрзнат поглед“, раскажува мајката и додава дека мора да побрза, бидејќи се плаши да ја остави ќерката сама по преживеаниот хорор.

„Ми ги уби двајцата другари, легнав врз нив да помисли дека сум мртов“, вели ученик – сведок за пукањето во училиштето во Врачар.

Таткото на девојчето кое за време на пукањето во Белград истрчало од училницата вели дека таа му рекла оти убиецот бил одличен ученик, кој со ладен израз на лицето влегол во училницата и пукал.

„Ќерка ми беше во тој клас, беше во училницата каде тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор“, изјави таткото за „Н1“. Тој рече дека во тоа време имале час по историја. Како што кажа, кога дошол пред училиштето имало многу полиција, наставници, родители.

13 годишникот ќе биде сместен на Клиниката за невропсихијатрија

Момчето кое вчера во основно училиште во Белград уби осум свои соученици и еден член на обезбедувањето ќе биде сместено на Клиниката за невропсихијатрија. Ова го соопшти претседателот Александар Вучиќ во денешното обраќање до јавноста.

„Момчето отсега е на посебно место. Ќе биде сместено во посебен дел од клиниката за невропсихијатрија. Неговиот татко како сопственик на оружјето што го чувал незаконски иако имал дозволи, е уапсен, а во притвор е приведена и неговата мајка, поради многу приказни и многу лаги кои се шират на социјалните мрежи, јас сум должен како претседател да зборувам за вистинските обврски. Ужасно злосторство се случи во едно од трите најдобри училишта во земјата“, рече Вучиќ во обраќањето.

Професорот по криминална психологија на КПУ Даг Коларевиќ за РТС изјави дека кај Коста Кецмановиќ може да се забележи психопатски профил. Според детскиот психолог Билјана Лаловиќ пак, 13 годишното момче имало сериозен психички проблем.

„Многу е тешко да се зборува општо за тоа што точно се случило, а само некој кој директно би разговарал со него и би добил некои клучни информации би можел да ја состави целата слика. Но, очигледно имал некој многу сериозен психички проблем, имал проблем со функционирањето со околината и се личи на матрица од некој филм. Како оние ликови од филмовите кои имаат прецизни планови, потоа склопуваат сè и ја прават својата одмаздничка улога, а потоа се предаваат затоа што „го завршија својот дел“, раскажува за „24sedam“ детскиот психолог Билјана Лајовиќ.

Филмска матрица
Таа додава дека оваа приказна ја потсетува на ликови од филмови или видео игри и дека можеби тоа му дало матрица за тоа како да го артикулира она што го чувствува.

„Се водел по тоа. Можеби следел некој од тие „модели“, додава Лајовиќ.

Но, чудни се две работи, а тоа е дека тој сам се пријавил во полиција, што било потврдено и второ што, според пишувањата на медиумите, рекол дека бил психопат кога бил уапсен.

„Па, кога гледате филмови, многу често гледате дека овие криминалци и убијци се нарекуваат психопати. Многу често се „фрла“ таа реченица, односно општа дијагноза. И веројатно го видел таму, а потоа од тоа колоквијално именување заклучил дека тоа е негова карактеристика“, вели таа.

Во многу коментари на социјалните мрежи луѓето го осудуваат фактот што таткото на момчето го носел на стрелиште, каде најверојатно научил да пука. Сепак, Лајовиќ вели дека тоа само по себе не може да биде причина за масакрот.

Сомнително е дали бил жртва на насилство од врсници
Психологот вели дека тоа што убиецот имал список со деца што сакал да ги убие не мора да значи дека бил жртва на насилство од врсници.

„Тоа е приказна која се врти. Но, не знаете зошто сакаше да ги убие тие деца. Така ќе каже ако некој го малтретирал. Ја „прекрши“ реалноста на свој начин. А дали имал дополнителни проблеми со врсниците, тоа е многу можно. Но, очигледно имал проблеми во комуникацијата, бидејќи доколку ги нема, некако поинаку би се справил со се што му пречи. Значи, имате некој што има проблем во комуникацијата и потоа пробива сè преку тој проблем.“, додава таа.

Уапсена и мајката на детето кое го изврши масакрот во Белград

Уапсена е и мајката на малолетниот Коста кој утрово изврши масакар во основно училиште во белградската населба Врачар и при тоа уби 8 деца и чуварот во училиштето. Претходно полицијата информираше дека уапсен е и неговиот татко. Таткото бил сопственик на пиштолите со кој малолетникот го извршил масакарот. Изјавил дека поседува неколку оружја кои ги чувал затворени под шифра, но очигледно детето ја знаело шифрата.

Момчето не може кривично да одговара

Според Законот за малолетни сторители на кривични дела и кривичноправна заштита на малолетни лица, К. К., нема кривична одговорност бидејќи не наполнил 14 години, пренесува Н1 ТВ.

Момчето е родено во 2009 година и има полни 13 години. Како што посочи претходно и началникот на белградската полиција Веселин Милиќ, тој е роден кон крајот на јули, што значи дека тогаш ќе наполни 14 години.

На барање на ВЈО, пак, на таткото му е одредено задржување од 48 часа поради сомнение за извршено кривично дело тешки дела против општата сигурност.

Најново

Последни колумни