Во време кога сè повеќе влади размислуваат за строги ограничувања или целосни забрани за користење социјални мрежи од страна на малолетници, Совет на Европа испраќа јасна порака, ваквите мерки може да направат повеќе штета отколку корист. Наместо брзи и популистички решенија, потребен е внимателен и балансиран пристап кој ќе ги заштити децата без да ги лиши од нивните основни права.
Забраните како „брзо решение“ со долгорочни ризици
Политичкиот притисок да се „направи нешто“ околу безбедноста на децата на интернет расте. Сајбер-насилството, зависноста од социјални мрежи и изложеноста на штетна содржина се реални проблеми. Но, како што предупредуваат експертите, забраните често се само привидно решение.
Искуствата од земји како Обединето Кралство и Австралија покажуваат дека младите лесно ги заобиколуваат ограничувањата, користејќи VPN, лажни профили или алтернативни платформи. Наместо да бидат побезбедни, тие се префрлаат во помалку регулирани и поопасни делови од интернетот.
Дополнителен проблем е што ваквите мерки можат да ги изолираат децата од важни ресурси. Интернетот денес не е само забава тој е простор за учење, информирање и социјализација.
Организации како Save the Children предупредуваат дека целосните забрани може да имаат сериозни последици, особено за ранливите деца кои немаат доволна поддршка во реалниот свет. За нив, дигиталниот простор често е единствен канал за помош, информации или заедница.
Баланс меѓу безбедноста и слободата
Клучната порака на Совет на Европа е дека заштитата не смее да оди на сметка на основните права. Слободата на изразување, правото на приватност и пристапот до информации се темели на демократските општества и важат и во дигиталниот свет.
Во препораките се нагласува дека дури и содржините кои можат да „вознемират“ или „навредат“ се дел од јавниот дискурс и не треба автоматски да се цензурираат. Прекумерниот притисок врз платформите, пак, може да ги претвори во неформални цензори.
Наместо рестрикции, се предлага стратегија што ќе ги направи децата поотпорни и поинформирани. Тоа подразбира вложување во дигитална писменост, учење како да се препознаат дезинформации, како да се заштити приватноста и како безбедно да се користат онлајн алатките.
Истовремено, се повикува на поголема одговорност од платформите: транспарентни алгоритми, подобра модерација и алатки прилагодени на возраста. Важен дел од решението е и поврзувањето на онлајн и офлајн политиките од образованието до социјалната заштита.
Проверка на возраст – решение со многу прашања
Една од најконтроверзните мерки е воведувањето системи за проверка на возраст. Совет на Европа не ја отфрла оваа идеја, но предупредува дека таа мора да биде внимателно дизајнирана.
Според препораките, ваквите системи треба да се користат само за содржини кои се веќе забранети за деца во офлајн светот. Во спротивно, постои ризик од масовен надзор, нарушување на приватноста и исклучување на младите од јавниот дигитален простор.
Дебатата околу децата и социјалните мрежи сè повеќе се поместува од прашањето „дали“ кон „како“. Наместо да се оттурнуваат од дигиталниот свет, децата треба да се подготват за него. Препораките на Совет на Европа укажуваат дека вистинската безбедност не доаѓа од забрани, туку од знаење, поддршка и систем што ги штити правата на корисниците.
Во свет каде интернетот е неизбежен дел од секојдневието, клучното прашање не е како да ги тргнеме децата од него туку како да им помогнеме безбедно да растат во него.