Search

Со заштита и чување на јазикот се вртиме кон нас и нашата суштина

„Сѐ додека го имаме јазикот наш македонски – ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“ Блаже Конески изнел многу голема вистина со оваа негова позната сентенца алудирајќи на важноста на јазикот како дел од нашиот идентитет.

Преку јазикот се изразува заедничката историја, традиции и вредности што ги делиме како еден народ. Заштитата на македонскиот јазик претставува заштита на идентитетот и соединувањето на луѓето. Македонскиот јазик е дел од културното богатство на државата. Преку јазикот се пренесуваат литературни, музички и уметнички дела, чувајќи ги и продолжувајќи го културното наследство на народот. Тој е основа за образованието и развојот на општеството. Неговата употреба во образовниот систем и комуникацијата е неопходна за успешното функционирање на државата и напредокот на индивидуата.

Македонскиот јазик допринесува за зачувувањето на јазичното многообразие во светот. Заштитата на македонскиот јазик е дел од глобалната одговорност за чување и заштита на јазиците ширум светот.

Со заштита и чување на јазикот се вртиме кон нас, и себепочитта, така ќе бидеме почитувани и од другите култури и јазици.

Токму затоа потребно е да се донесе нов Закон за употреба на македонскиот стандарден јазик. Предлог-законот, кој е изготвен од страна на Советот за македонски јазик заедно со Министерството за култура, што поскоро да се најде на дневен ред на Собранието и истиот да биде изгласан од пратениците од сите пратенички групи, апелира Костадиновска Стојчевска.

Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура

„Јазикот е заштитено нематеријално културно наследство“, рече министерката за култура која ги истакна придобивките од носење на нов закон за употреба на македонскиот јазик. „Овој закон ја унапредува примената на македонскиот јазик и во него е предвидено задолжителното вработување на лектор во секоја институција, задолжително лекторирање, што ќе биде привлечно и за нови работни места. Друга новина е воведување на работата на Инспекторатот, област во која има одредби кои се усогласени со новиот Кривичен законик. Овој закон ќе овозможи одредени измени во Законот за основно, средно и високо образование“, посочи министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик

„Првиот закон за употреба на македонскиот јазик е донесен 1989 година, на кој имам учествувано и јас, а потоа тој закон е само менуван, дополнуван и слично. За прв пат по 34 години се предлага носење нов закон за употреба на стандардниот македонски јазик“- изјави Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.

Минатата година беше клучна за подлабоко разбирање и аспектирање на јазикот како трајна културна вредност која зависи од односот на сите нас. Активно се работеше на афирмација на македонскиот јазик и култура. Сведоци бевме на голем број активности за популаризација на македонскиот јазик како дел од годишната програма на многу институции. „Читаме современи автори“ на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Трибина на тема „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“, Саем на книга каде централно место имаа македонските автори, филмската ревија „Златна рамка“ со промовирање на македонската кинематографија и уште многу други кои имаат една цел – афирмирање на македонскиот јазик и култура.

Како никогаш досега се почувствува еден бран за подигнување на свесноста за важноста на јазикот како дел од нашата култура и идентитет. Буква по буква, збор, ден по ден – историја, вечност. Голема е историјата на македонскиот јазик и на оваа земја, таа зборува за културата на овој народ. На добар пат сме, да останеме визионери и да ги држиме очите секогаш отворени за големи нешта!

Најново

Последни колумни