Северна Македонија веќе ја има деталната дијагноза за тоа каде се наоѓа на патот кон Европската Унија. Прашањето сега е што ќе направи со неа.
Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје повикува скрининг-извештаите на Европската комисија да не останат само документација од една завршена фаза на пристапниот процес, туку нивните препораки да се претворат во конкретна и јавно мерлива програма за реформи.
„Скринингот веќе покажа каде сме и што треба да направиме“, порачуваат од Институтот.
Скринингот заврши во декември 2023 година, а Европската комисија во меѓувреме ги објави извештаите за сите шест преговарачки кластери. Со нив државата доби детална проценка за степенот на усогласеност со правото и стандардите на ЕУ, институционалните слабости и реформите што треба да се спроведат на патот кон членство.
Политичките пречки не значат дека реформите треба да запрат
Клучната порака на ИДСЦС е дека политичките пречки за отворање на преговарачките кластери не ја спречуваат државата да работи на најголемиот дел од слабостите идентификувани во скринингот.
Периодот до продолжувањето на преговорите, според Институтот, треба да се искористи за забрзување на реформите и зголемување на подготвеноста на институциите, наместо да се чека создавање политички услови за отворање на кластерите.
За таа цел се предлага воспоставување јасен механизам преку кој секоја препорака од скринингот ќе биде претворена во конкретна задача.
За секоја област треба да се знае што треба да се направи, која институција е одговорна, во кој рок треба да го направи тоа и колкав напредок е постигнат.
Таквата матрица, според ИДСЦС, треба да биде јавно достапна и редовно ажурирана, а Владата периодично да известува за нејзиното спроведување.
Собранието и Националниот совет за европски интеграции, пак, треба поактивно да ги користат скрининг-извештаите за следење на подготвеноста на државата по одделни кластери и области.
Сите шест извештаи на едно место
Институтот бара Министерството за европски прашања да ги направи сите шест скрининг-извештаи лесно достапни на едно место, заедно со нивните главни наоди и препораки на македонски јазик.
Според ИДСЦС, иако Европската комисија ги објавила извештаите за сите шест кластери, на веб-страницата на Министерството за европски прашања, во делот посветен на скрининг-извештаите, сè уште е достапен само извештајот за Кластер 1 „Темели“.
Со тоа, според препораките на Институтот, целата документација што треба да служи како основа за натамошните реформи би била полесно достапна и за институциите и за јавноста.
Една рамка наместо повеќе паралелни процеси
ИДСЦС предлага препораките од скринингот системски да се поврзат со Реформската агенда 2024–2027, Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и препораките од годишните извештаи на Европската комисија.
Реформската агенда и Планот за раст се значајни инструменти за забрзување на конкретни реформи и постепена интеграција во Единствениот пазар, но, посочуваат од Институтот, тие не се замена за целокупната подготовка за членство.
Наместо повеќе паралелни административни процеси, потребна е единствена оперативна рамка во која ќе може да се види како различните обврски се надополнуваат, каде се преклопуваат и каде остануваат празнини.
Преговарачките структури треба да работат сега
Посебно внимание ИДСЦС посветува на функционирањето на преговарачката структура.
Иако Владата во 2024 година воспостави нова институционална рамка за водење на пристапните преговори, од Институтот посочуваат дека јавноста сè уште нема јасна слика дали и во која мера преговарачките тела и работните групи по кластери и поглавја се целосно екипирани и функционални.
Од Министерството за европски прашања се бара да обезбеди транспарентни информации за тоа кои тела и работни групи се формирани, каков е нивниот состав и кои задачи ги извршуваат.
Но, пораката на ИДСЦС е и дека овие структури не треба да чекаат да се создадат политички услови за отворање на кластерите.
Тие треба да работат сега.
Според Институтот, преговарачките структури треба да ги анализираат наодите од скринингот, да ги следат промените во правото на ЕУ и да ги идентификуваат областите во кои ќе бидат потребни значителни финансиски и институционални приспособувања или преодни периоди.
Истовремено треба да се подготвуваат и идните преговарачки позиции на земјата.
„Периодот на политички застој треба да се искористи за градење експертиза и институционална меморија, наместо преговарачкиот капацитет да се создава откако преговорите повторно ќе се придвижат“, порачуваат од Институтот.
Обучениот кадар треба да се задржи
Функционалните преговарачки структури, според ИДСЦС, бараат и зајакнати административни капацитети.
Покрај доволен број вработени во Министерството за европски прашања и другите надлежни институции, Институтот смета дека е клучно да се задржи веќе обучениот кадар.
Затоа се предлагаат соодветни финансиски и кариерни стимулации за вработените вклучени во пристапниот процес, поврзани со нивните задачи и одговорности.
Скринингот, според ИДСЦС, веќе ја заврши својата основна задача: покажа каде се наоѓа земјата и што треба да направи.
Следниот чекор е таа дијагноза да се претвори во јавна, мерлива и одговорна програма за работа дома, придружена со уште позасилено и поактивно присуство и застапување на македонските интереси во Брисел и во земјите членки на Европската Унија.
Извор: Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје