Дури 45 отсто од миграторните видови птици се во постојан пад, додека секој деветти вид птици преселници се соочува со ризик од целосно исчезнување, предупредува новиот извештај „Состојбата со птиците во светот“, објавен на Глобалниот самит за преселни патишта одржан од 7 до 11 септември во Најроби, Кенија. Човечките активности остануваат главниот фактор за деградација на природните живеалишта.
Опаѓањето на бројноста на птиците е директен резултат на неодржливи практики. Меѓу најпогодените се морските и крајбрежните видови кои зависат од влажните подрачја, шумите и морските системи.
Главните двигатели на оваа криза се уништувањето на живеалиштата преку интензивно земјоделство, неодржливиот лов, ширењето на инвазивни видови и климатските промени.
„Преселните птици се чувари на состојбата на природата, а нивното опаѓање укажува на зголемениот притисок врз природните системи од кои зависиме. Но, науката исто така јасно покажува дека заштитата функционира: координираните активности можат да спречат исчезнувања и да го помогнат обновувањето на популациите. Решенија постојат: она што сега е потребно е да се применат на долж целиот миграторен пат“, изјави д-р Стјуарт Бучарт, главен научник во „Брдлајф Интернешенал“ (BirdLife International) и главен уредник на извештајот.
Птиците не познаваат административни граници. Самитот резултираше со усвојување на Најробиската декларација за преселните патишта, со која владите, невладиниот сектор и научната заедница се обврзуваат на заштита на животната средина долж целите миграторни рути, а не само со изолирани локални мерки.
„Извештајот е недвосмислен: ги губиме преселните птици со алармантна брзина. Но, денешната Најробиска декларација претставува пресвртница“, истакна Мартин Харпер, главен извршен директор на глобалната мрежа „Брдлајф Интернешенал“, која брои 125 партнерски организации во 120 држави.
Финансискиот сектор исто така најави конкретна поддршка. Три мултилатерални развојни банки ја вклучуваат заштитата на овие коридори во своите програми, со што обврските преземени од 2021 година надминуваат 6 милијарди долари.

Дел од глобалната мрежа од 2018 година е Македонското еколошко друштво (МЕД), чија извршна директорка, м-р Робертина Брајаноска, на самитот беше избрана за членка на Советот на „Брдлајф“ за Европа и Централна Азија.
„Споделувањето на искуства, учењето едни од други и чувството дека она што го правиме локално придонесува кон глобалните напори за заштита на птиците и нивните живеалишта ми даваат огромна гордост и надеж. На Глобалниот самит за преселните патишта уште еднаш се потсетивме дека птиците преселници не познаваат граници – тие ги поврзуваат луѓето, земјите и континентите, а само заедно можеме да ги зачуваме нивните преселни патишта“, изјави Брајаноска по изборот.