Седум лица уапсени во Британија за убиство на новороденче

Полицијата интервенирала во куќа во Шефилд по дојава за загрозено дете, но медицинските екипи констатирале смрт на самото место.

Британската полиција уапси седум лица под сомнение за убиство на новороденче во градот Шефилд, откако вчера наутро интервенираше по пријава за загрозено дете во станбен објект во населбата Винкобенк. И покрај итната реакција на медицинските служби, новороденото девојче било прогласено за мртво на самото место, соопшти полицијата на Јужен Јоркшир.

Случајот започнал вчера нешто пред 6 часот наутро кога полициски патроли влегле во објект на улицата „Холивел хајтс“. Веднаш по констатирањето на смртта, полицијата привела седум лица кои во моментов се наоѓаат во притвор.

Инспекторите во моментов работат на утврдување на точната возраст на дел од приведените осомничени. Истрагата треба да покаже кој точно престојувал во куќата и каква е поврзаноста меѓу уапсените и новороденото девојче.

Главната инспекторка Ема Најт изјави дека истражниот тим е целосно насочен кон расчистување на случајот и обезбедување правда за починатото бебе.

„Свесна сум дека овој настан ќе ја вознемири јавноста. Сакам да ја уверам локалната заедница дека нашиот тим детективи и полицајци посветено работи на случајот. Истрагата е на самиот почеток и затоа бараме од граѓаните трпение и воздржување од шпекулации за тоа што се случило“, изјави Најт за британските медиуми.

Полицијата на Јужен Јоркшир најави дополнителни информации откако ќе завршат првичните сослушувања на осомничените и обдукциските наоди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс