Русија го истражува Епл: Не ги прединсталирал руските апликации

Москва бара iPhone уредите да доаѓаат со прединсталирани домашни апликации и продавница за софтвер.

Руската Федерална антимонополска служба (ФАС) покрена постапка против технолошкиот гигант Епл поради непочитување на локалните закони за конкуренција. Надлежните органи наведуваат дека компанијата на своите iOS уреди не ги прединсталирала задолжителните руски апликации, социјалната мрежа и националната продавница за апликации.

Според информациите од рускиот регулатор ФАС, американската компанија не ги испочитувала законските обврски за задолжително прединсталирање на домашни софтверски решенија на уредите наменети за рускиот пазар. Властите во Москва тврдат дека со ова се нарушува Законот за заштита на пазарната конкуренција и им се одзема можноста на локалните програмери рамноправно да пристапат до корисниците на iOS платформата.

Институциите инсистираат сите паметни телефони што се продаваат во земјата да имаат однапред поставено руски апликации, со посебен фокус на националната социјална мрежа и алтернативната продавница за апликации. Оваа мерка е дел од пошироката стратегија на Русија за намалување на зависноста од странски технолошки платформи и зајакнување на контролата врз дигиталниот екосистем во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс