Русија „пука по шевови“, светот тера мајтап

Шефот на руската платеничка војска Вагнер, Евгениј Пригожин, кој со неговата војска го предводеше нападот на Русија врз Украина, одбива послушност на руската војска и започнаа да заземаат градови и стратешки точки во Руската федерација. Шефот на Вагнер објави дека неговите сили контролираат воени локации во јужниот град Ростов-на-Дон, каде што се наоѓа главниот руски воен штаб кој ги надгледува борбите во Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин го осуди бунтот на Вагнер, велејќи дека тоа е „нож во грбот на нашата земја и нашиот народ“.

„Сите оние кои го подготвија бунтот ќе претрпат неизбежна казна. Вооружените сили и другите владини агенции ги добија потребните наредби“, рече Путин во телевизиското обраќање до нацијата утрово.

Претходно, руските безбедносни служби соопштија дека отвориле кривична истрага против Пригожин за покренување на бунт.

Со месеци, Пригожин ги обвинуваше министерот за одбрана Сергеј Шојгу и главниот руски генерал, Валериј Герасимов, за неспособност, но ова беше првпат тој да ги отфрли суштинските оправдувања на Русија за инвазијата на Украина.

„Министерството за одбрана се обидува да го измами општеството и претседателот и да ни каже приказна за тоа како имаше луда агресија од Украина и дека тие планираа да не нападнат со целото НАТО“, рече Пригожин во видео клипот објавен на Телеграм.

„Војната беше потребна … за Шојгу да стане маршал, … за да може да го добие вториот медал ‘Херој на Русија’. Војната не беше потребна за да се демилитаризира или денацизира Украина“ вели Пригожин.

Денес веднаш по обраќањето на Путин, Пригожин преку своите канали на социјалните мрежи објави порака дека рускиот претседател направил погрешен избор и дека наскоро Русија ќе добие нов претседател.

На Телеграм каналите на украинските единици се споделуваат сведоштва како руските војници започнуваат борби едни против други, сугерирајќи дека и дел од руските војници даваат поддршка на Пригожин и ја одбиваат послушноста на Русија.

Интернетот фаќа сеир

Ваквите развои на настаните во Русија наидоа на потсмев и можност за фаќање сеир кај корисниците на интернет кои беа против руската агресија врз Украина. На социјалните мрежи се споделуваат мемиња и креирани фотографии на кои пишува дека „снема пуканки во Украина“, сугерирајќи дека Украинците сега наместо да се борат, само ќе ги гледаат внатрешните судири во Русија.

Популарниот Твитер профил „Darth Putin“, кој од стартот на руската агресија пишува шеги за Путин утрово објави „485 ден од мојата тридневна војна. Русија ја освојува Русија за да ја ослободи Русија од тие кои ја окупираа Русија за да ја ослободат од тие кои ја окупираа Русија. Останувам врвен стратег“.

Освен ова на социјалните мрежи се споделуваа шеги како Русија се распаѓа и дека Путин го добива тоа што го заслужува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс