Рубио смирува: Посетата на директорот на ЦИА на Москва беше рутинска

Шефот на американската дипломатија тврди дека средбите на Ратклиф служат за отворање директни канали при можни кризи.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека неодамнешната тајна посета на директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, на Москва имала главно рутински карактер. Според него, целта на патувањето била воспоставување и одржување директни комуникациски канали меѓу разузнавачките служби на САД и Русија, неопходни за спречување ескалација во кризни периоди.

Во интервју за телевизијата Fox News, Рубио наведе дека ваквите контакти се од суштинска потреба токму во моменти на зголемени геополитички тензии. Тој објасни дека брзата размена на информации на разузнавачко ниво помага за контролирање на ризиците на теренот.

„Посетата беше главно од рутинска природа, со цел воспоставување и понатамошна изградба на тие комуникациски канали меѓу разузнавачките служби. Ваквите канали се корисни во кризни ситуации или во случај на конфликт“, изјави Рубио.

Патувањето на Ратклиф во руската престолнина првично го обелоденија американските медиуми на 25 август. Деталите за содржината на средбите со рускиот државен и безбедносен врв останаа класифицирани.

По враќањето на првиот човек на ЦИА, американскиот претседател Доналд Трамп коментираше дека од таа мисија „би можело нешто да произлезе“, без да наведе конкретни очекувања. Изјавата на Рубио претставува обид на Стејт департментот да ги спушти очекувањата и разговорите да ги позиционира исклучиво како технички безбедносен механизам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс