Search

Промоцијата на книгата „ВМРО МИТ КОНЦЕПТ КРАЈ“ на Бранко Тричковски

Вчера вечер во Домот на културата „Кочо Рацин“ се одржа промоцијата на новата книга на Бранко Тричковски, „ВМРО, МИТ КОНЦЕПТ КРАЈ“ во издание на Шорткат продукција. Во новата книга авторот се расприкажал на 635 страници, слично како и во претходната книга „Мојата борба со Македонија“.

Во продолжение ви пренесуваме неколку интересни одговори на Тричковски на нашите новинарски прашања.

Трн: Вашите колумни публиката или ги сака или не. Дали сте среќни со тоа сознание?

Бранко: Па, среќен сум зошто да не, прво заради тој дел што ги сакаат а среќен сум и заради тие што не ги сакаат затоа што тоа е некоја контра која мене ме стимулира да работам, некои работи да поправам итн..

Трн: Значи, добивате и основани критики?

Бранко: За жал многу ретко, јас сум желен за критики, реални критики, тие се сведени на одредени ботови кои се безобразни..

Трн: Дали кај нас постои критика: филмска, уметничка, книжевна..

Бранко: Не постои. Критика на сите сектори и филмска и книжевна не постои.Ние немаме критика и заради тоа ние немаме реален поглед на делата, ние ги фалиме затоа што се македонски, затоа што се национални, не затоа што имаат реална уметничка вредност.

Трн: Дали вашиот пристап да ги рушите или предизвикувате митовите или илузиите им помага на Македонците? Можат ли да живеат без нив?

Бранко: Има една теорија која вели дека без митови без ритуали историјата не би можела да постои. Но, ние имаме премногу митови и од нив сакаме да правиме политички концепти. Ритуалите треба да постојат, но затоа треба да определиме ниво на ослободување од митот, не на уништување на самите митови туку мала дистанца од митот да може животот да тече напред. Митот да не го диктира животот.

Трн: Дали основата на сѐ лежи во митологијата?

Бранко: Голем проблем во Македонија е митологија, религијата и дел од историјата..Сето тоа може да се надмине со реално соочување со сегашноста. Заглавени ни се многу процеси во митологија, историја, еве уметноста е заглавена таму. Немаме уметност, на пример.

Трн: Дали вашиот речник, поради кој се скандализира медиокритетската јавност, е намерно избрана алатка да провоцира и да остане „камче во чевлите“?

Бранко: Има еден дел што е свесно одбран да продуцира и да импонира затоа што поинаку не можете да го разбудите заспаниот малограѓански дух, мора да провоцирате, ама не се согласувам дека тоа е безобразие јас тоа го викам висока школа за политичка поезија!

Трн: За каква публика пишувате?

Бранко: Мене ми е предизвик малку повисока класа за малку покомплицираните статии но, моите колумни допираат и до тие што наводно не разбираат. Јас не се согласувам дека некој не го разбира она што јас го пишувам

Дизајнот на корицата е на познатиот ликовен уметник и дизајнер Зоран Кардула. „ Јас редовно ги читам колумните на Тричковски, затоа имав основа за да ја направам корицата за неговата најнова книга за која ја искористив црвената боја и специјално рачно цртан фонт“, вели Кардула.  Тој вели дека имал слобода додека ја дизајнирал корицата и му претставувал огромно задоволство целиот процес.

Графичката опрема на книгата е на тимот на Шорткат продукција. На задната корица се поместени три кратки осврти од Сашо Орданоски, Валентин Нешовски и Џабир Дерала (издавач и уредник). Ќе најдете и кратка биографска белешка со фотографија од Авторот што ја направи познатиот фотограф Чедо Поповски. Во подготовката на овој издавачки проект волонтерски учествуваше целата редакција Фронтлајн.

Пред преполната сала говореа универзитетската професорка Емилија Целаковска, поетот Лазар Попов и новинарот Џабир Дерала (издавач и уредник), како и самиот Автор, Бранко Тричковски.

Лазар Попов зборуваше за тоа што претставува Бранко Тричковски за него и дека не може  да го категоризира и да го стави на полици затоа што тој претставува огромна длабочина во која можеш да се нурнеш во него и тоа не го става во рамки. Тој за него е значаен како индивидуалец, а не како општествена појава. Околу препораки како да се чита Тричковски, тој вели дека нема препораки, тој е за отворени умови.  Тој значи многу повеќе за него од обично коментирање на стварноста

Универзитетската професорка Емилија Целакоска изјави: „Јас сум дамнешен читател на Тричковски, веќе 20 години. Го читав Бранко затоа што го чувствував тоа како вистина, се согласував со тоа што пишува, тој секогаш го искажува тоа што јас сакам да го кажам. Тоа чувство сум го имала читајќи и други светски автори. Тричковски си е оригинален, јас не би го споредувала со никого. Затоа што тој ни го носи начинот на кој треба да размислувме за работите. Тричковски треба да се чита отворено, едноставно читате и се преиспитувате себеси дали е ова вистина, дали навистина стојат вака работите.“

Најново

Последни колумни