Многумина во текот на летото постојано носат шише со вода и го полнат повеќепати во денот. Но, доколку станува збор за еднократно ПЕТ-пластично шише купено во продавница, експертите советуваат да не се користи предолго бидејќи не е наменето за повеќекратна употреба.
Со секое отворање, стискање и повторно полнење, пластиката постепено се оштетува и на неа се создаваат ситни гребнатини во кои лесно се задржуваат бактерии. Дополнително, бактериите од устата преминуваат на грлото на шишето и во водата, а во топли летни услови тие можат брзо да се размножуваат, особено ако шишето не се мие редовно.
Ризикот е уште поголем ако во шишето се чуваат засладени пијалаци, бидејќи шеќерот создава поволна средина за развој на микроорганизми. Самото плакнење со ладна вода не е доволно за отстранување на бактериите, па затоа шишето треба темелно да се мие со топла вода и детергент, со посебно внимание на капачето и грлото.
Не постои точно определен рок колку долго може да се користи едно пластично шише, но препораката е веднаш да се замени ако е изгужвано, напукнато, ја сменило бојата или има непријатен мирис. Исто така, не се препорачува да се остава во автомобил или на директно сонце, бидејќи високите температури го забрзуваат развојот на бактерии и го оштетуваат материјалот.
Доколку секојдневно носите вода на работа, на плажа или во теретана, најдобро решение е да користите шише за повеќекратна употреба, изработено од нерѓосувачки челик или квалитетна пластика без БПА. Таквите шишиња се поиздржливи, полесно се одржуваат и се побезбедни за секојдневна употреба.