Н1 по бранот оставки: Заминувањето боли, ама не се откажуваме од борбата

По заминувањето на десет истакнати новинари, српската телевизија порача дека продолжува според професионалните стандарди.
Фото: Н1

Редакцијата на телевизијата Н1 соопшти дека го продолжува своето медиумско делување по одлуката на десет новинари и уредници да дадат отказ и да го напуштат медиумот. Одлуката за заминување ја донесоа Адам Сантовац, Жаклина Таталовиќ, Жана Булајиќ, Димитрије Ѓуриќ, Ана Новаковиќ, Даница Вучениќ, Миа Бјелогрлиќ, Сања Косовиќ, Ксенија Павков, како и претходно Наташа Миљковиќ. Раководството порача дека ова им ја отежнува работата, но нема да отстапат од досегашните професионални и морални начела.

Во официјалното обраќање, Н1 наведува жалење што колегите се откажале од заедничката цел градена 12 години. Истовремено, раководството отворено посочува дека тајмингот на овој потег буди сомнеж и загриженост. Според нивното соопштение, со месеци биле принудени да се прилагодуваат на фактот што заминатите новинари користеле законски основи за отсуство од работа, што телевизијата го признава како нивно легитимно право.

Телевизијата наведе дека заедно поминале низ големи истражувачки стории, известувања од кризни состојби, притисоци, закани и напади. Во реакцијата се наведува дека понатамошниот пат ќе го водат одвоено, при што менаџментот сам ќе процени дали ќе ангажира нови лица како замена за новинарите што заминаа.

Масовното заминување на новинарите од Н1 се случува во услови на заострена општествено-политичка атмосфера во Србија, каде што се најавени избори за 25 октомври. Овој медиум со години важи за една од ретките телевизии со критички пристап кон власта на Српската напредна странка и Александар Вучиќ. Поради таквата позиција, новинарите на Н1 често беа мета на вербални напади од функционери и оневозможување на пристап до јавни настани.


Публиката доби ветување од преостанатиот тим на Н1 за доследност кон фактите, додека досегашните колеги добија порака: „Се гледаме наскоро на терен“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс